Ф.Г.Лорка и нашите „трауми”

Ѓорѓи Тоновски

Во еден јунски ден во 1936 година Шпанските фашисти го убија еден од најголемите интелектуалци и гордост на шпанската и на светската поезија  – грандиозниот Федерико Гарсија Лорка.

Тешко е дека неговите убијци, и директните извршители и нарачателите/креаторите на грозоморниот чин, беа свесни дека во тој момент безмилосно откинуваат дел од Шпанската духовна/интелектуална историја. Овој потег на овие „умној патњи нестасали” злосторници (во наш превод би значело „недоволно умни – умно недозреани” – во стихот на српскиот поет Брана Петровиќ) натаму предизвика вистински егзодус од Шпанија на интелектуалци и автори на уметнички дела од кои се „потресе и се помести” мејнстримот на интелектуално-културниот круг на Париз и целата уметничко-креативна елита на Западна Европа (Пикасо, Салвадор Дали и другите припадници на оваа плејада). Ете такви се катастрофални последиците од периодот на „прогон на интелектуалците” –  Шпанија западна во средновековен мрак.

Споменувањето на овој настан би требало да биде наш/македонски придонес во два аспекти: прво, да се потсетиме и да му оддадеме почит на великанот Лорка. Вториот аспект е од интерна/ македонска причина зашто тие шпански темнини се рефлектираа во дел од нашата стварност и историја. Факт е дека и во време на процесот на европеизација на македонското општество кај нас се случуваше фашистички обоен политички систем во кој се „применуваше” шпанско-сличен политички прогон на интелектуалци од двете категории – прво, оние кои имаа историски фундирани заслуги и со нив гордо заминале од овој свет и второ, оние кои се сеуште посветени со своите дела и активности на развојот на македонското општество. Зарем не наликуваат на злосторот на шпанските фашисти оние потези и случувања со човечки судбини во време на диктатурата на бегалецот во Будимпешта Никола Груевски и активноста на неговиот фамозен апарат во ликот на Комисијата за лустрација и нејзиниот „славен” шеф Томе Аџиев (во јавноста наречен Големиот Инквизитор од Битола), со антиуставен законски текст, со дел од уставни судии слепи партиски послушници, па дури и со беспоговорно аминување на монструозните одлуки од страна на двете нивоа на управните судии. Се разбира тука соработуваа и други „слугантско-клиентилистички” соработници. Сето тоа беше дебело наградено од страна на автократскиот режим. Иако методот на работа на оваа комисија остана сеуште енигма, таа сепак беше во функција на подгрејување на прогонот на интелектуалците, на нивното стигматизирање но истовремено таа беше и неуспешен обид да се деградира нивната улога, место и значење во интелектуалното/паметното конституирање и функционирање на демократијата во нашата земја.

Интересно е дека некои политички групации овие инквизиторски/подземни „фигури” на македонската антидемократија ги доведуваат во врска со фамозниот клуб во Битола, како и во врска со преиспитувањето на улогата на бегалецот во Бугарија поетот Венко Марковски – каква и колкава е неговата историска тежина за македонската интелектуална историја во релација и споредба со основоположникот на современиот македонски роман покојниот писател Славко Јаневски (иако покоен но сепак впишан во инквизиторскиот список на комисијата на извесниот Томе Аџиев).

Велат дека „кувари и чувари” на демократијата се учените и паметните/хуманите луѓе. А основна одлика на интелектуалците и на демоктратски втемелените луѓе е слободоумието, либералното, демократското, ученото, прогресивното, хуманото. Тоа може да го почитува само власт која е еднакво така определена и е на тоа духовно ниво. Поинаку ориентираната власт е онаа која не го почитува разноумието, спротивното оличено гледање и размислување од официјалното/нејзиното. Спротивното размислување од официјалното без разлика колку е тоа прогресивно таквата власт сака да го замолчи или да го уништи. Но страшното во оваа констатација е вистината дека носители на идеите се луѓето, па следи катастрофалната мисла дека заедно со идеите што го брануваат општеството, јавноста и позициите на властодршците треба да исчезнат и луѓето/носители на идеите.

Еве тоа е сличноста помеѓу Франковата власт во Шпанија која го стрелаше Лорка и овие недемократски/лустрациски „креатури” на нашиот простор чиј лидер и инспиратор беше бегалецот во Будимпешта и безмилосната комисија на слепиот извршител на неговата шизоидна политика – Големиот Инквизитор од Битола. Но историјата, за среќа на прогресот, сепак на крајот ги израмнува сметките – доброто продолжува да прави добрини низ општествените простори, а злото се вкопува во мрачните лавиринти на нехуманата историја.

Back to top button
Close