„Фајнанс тинк“: Глобалниот нафтен шок најверојатно ќе има умерен ефект врз македонската економија


Иако актуелните настани на Блискиот Исток оправдано создаваат загриженост на глобалните енергетски пазари, сепак нивниот директен инфлаторен ефект врз македонската економија најверојатно ќе биде умерен, освен ако не дојде до екстремно и долготрајно нарушување на глобалното снабдување со нафта. Ова е заклучокот од најновото истражување за ефектите од глобалниот нафтен шок за домашната економија на „Фајнанс тинк“ – Институтот за економски истражувања и политики.

Сепак, како што се препорачува во истражувањето, во вакви услови, економските политики треба внимателно да го следат развојот на глобалните енергетски пазари и потенцијалниот пренос на ценовните шокови во домашната економија.

„Иако актуелниот нафтен шок најверојатно нема да создаде силен непосреден инфлаторен удар, во случај на екстремно и нагло зголемување на цената на нафтата потребно е Владата да биде подготвена да реагира“,
велат од „Фајнанс тинк“.

Како најсоодветен инструмент за ублажување на ценовниот удар, од Институтот сметаат дека би била привремена интервенција преку даночно-акцизната структура на горивата, со цел делумно да се амортизира преносот на глобалниот ценовен шок врз домаќинствата и компаниите.

„Ваквата интервенција треба да биде временски ограничена и внимателно дизајнирана, со цел да се зачува фискалната стабилност и да се избегне нарушување на пазарните сигнали на подолг рок“,пишува во истражувањето.

Во анализата се вели дека иако глобалните нафтени шокови се пренесуваат во домашната економија, нивниот ефект врз општото ценовно ниво е релативно умерен.

„Краткорочно, дури и значајно зголемување на цената на нафтата има ограничен ефект врз инфлацијата, додека долгорочниот ефект се материјализира постепено преку трошоците на производството, транспортот и услугите и може да биде позначаен“,велат од Институтот.

Целта на оваа анализа, според „Фајнанс тинк“ е да се оцени до кој степен глобалните промени во цената на нафтата се пренесуваат во општото ценовно ниво во македонската економија.

Поконкретно, анализата ја оценува еластичноста на инфлацијата во однос на промените во цената на нафтата, како на краток така и на долг рок, со што се обезбедува приближна проценка на потенцијалниот инфлаторен ефект од актуелниот глобален нафтен шок.

Back to top button
Close