Фајнанс Тинк: Ударот од кризата предизвика БДП во првиот квартал да се зголеми само 0,2 отсто

 Ударот од кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот Ковид-19 врз економијата започна во втората половина од март 2020, што предизвика БДП во целото тримесечие да се зголеми само за 0,2 отсто, наведува Фајнанс Тинк во кварталниот Макроекономски монитор за првиот квартал од 2020 година, во кој наведува дека  ја задржува проекцијата за падот на БДП во 2020 на -3,8 отсто, како и во вториот квартал од 2020 на -12,7 отсто.

– На производната страна, намалувањето од -5,1 отсто кај индустријата е рефлексија на затегнатоста во глобалната трговија која постоеше уште пред Ковид-19, како и на влијанието на ограничувањата на движењето врз трговската размена по почетокот на кризата. Намалувањето кај трговијата, транспортот и угостителството од -1,3 отсто е последица на индуцираното затворање на претпријатијата (ресторани, кафулиња, шопинг молови) и падот на потрошувачката на неесенцијални добра по почетокот на пандемијата. На расходната страна, ефектот од индуцираната контракција и отежнатото движење е видлив кај падовите на извозот и увозот, -5,4 отсто и -3,2 отсто, соодветно, како и кај значителното забавување на растот кај инвестициите и потрошувачката.

За невработеноста која во првиот квартал од 2020 се намали на 16,2 отсто од претходните 16,6 отсто од Фајнанс Тинк велат дека ваквото движење може да се должи на две примарни тенденции. Прво, ударот на кризата не беше проследен со моментални отпуштања на работници, што се согледува и преку бројките за регистрираната невработеност од АВРСМ кои забележаа помалку од 2.000 нови невработени (околу 0.25% од вкупните вработени) на крајот на март во однос на крајот од февруари 2020. Второ, поголем дел од Анкетата за работна сила, врз основа на која се пресметува кварталната невработеност, веројатно бил прибран пред почетокот на кризата.

Во извештајот наведува дека двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето на индуцираната контракција и отежнетото движење предизвикани од Ковид-19. Особено, истакнуваат, овие проекции се изградени врз претпоставката за значајно олабавување на рестрикциите кон крајот на мај 2020, што може да не се случи во услови на втор пик од пандемијата во истиот период. 

Back to top button
Close