Фајон: Геостратешка неопходност е да им помогнеме на земјите од Западниот Балкан за зачленување во ЕУ до 2030 година
– На синоќешната вечера на шефовите на дипломатиите од земјите членки на ЕУ и од државите од Западниот Балкан се согласивме дека геостратешка неопходност е да им се помогне на земјите од регионот на нивниот пат кон членство во Европската Унија до 2030 година, изјави денеска во Луксембург словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни и европски работи Тања Фајон.
– Укажав дека Словенија, заедно со Германија, предлага иницијатива за забрзување на проширувањето со воведување на гласање со квалификувано мнозинство во самиот процес, што навистина може да ги забрза работите и да елиминира некои од пречките кои постојат во билатералните односи меѓу земјите, рече Фајон пред почетокот на почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Таа нагласи дека тоа што се случува во регионот на Западниот Балкан е многу важно во однос на безбедносната политика на Европската Унија.
– Посебно сме загрижени за ситуацијата во Босна и Херцеговина. Министрите за надворешни работи многу јасно предупредија против реториката на поделби, затоа што тоа и штети на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија, рече шефицата на словенечката дипломатија, додавајќи дека на вечерата се разговарало и за политичката ситуација во Србија, при што е упатена порака дека ЕУ сака земјата да биде силна и стабилна.
Фајон истакна дека во услови кога Албанија вечерва ќе отвори нов кластер во проговорите за членство, а Црна Гора добро напредува во преговарачкиот процес, се надева оти и другите земји од регионот ќе го следат тој пат и ќе ги забрзаат реформите.