Фајон: Словенечката Влада е одлучна за поддршката кон Украина

Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон денеска ги отфрли обвинувањата на опозициската СДС дека постапките на словенечката Влада кон Украина се недоволно одлучни и посочи дека Словенија учествувала во носењето на сите важни одлуки во НАТО и ЕУ во однос на Украина. Ова свое тврдење таа го искажа пред пратениците на Комисијата за надворешна политика, каде ја повтори словенечката поддршка за Украина во врска со руската инвазија.

Опозициската СДС оцени дека и словенечката Влада и надлежната собраниска комисија досега постапиле недоволно решително во однос на Украина, поради што предложила свикување на денешната итна седница на комисијата.

Лидерот на СДС и поранешен премиер Јанез Јанша истакна дека Словенија на почетокот на украинската криза била проактивна и давала свои предлози и дека сега се разговара на кои предлози од другите актери таа да се приклучат.

Пример за тоа, според него, е прашањето дали Словенија ќе се приклучи на декларацијата за поддршка на членството на Украина во НАТО, бидејќи словенечката Влада не се приклучила кон неа.

Во дебатата тој посочи дека оваа декларација ја потпишале само девет членки на НАТО, а 21 не, на што министерката Фајон истакна дека „секоја кампања на потпишување иницијативи од девет или повеќе земји води кон колапс на Алијансата“.

Back to top button
Close