Фајронт

    По 15 јули, штама. Фајронт. Ама за кого, што се случува и што ќе се случува во деновите пред нас, да направиме една кратка анализа.

Христијан Мицковски не успеа да собере храброст и да излезе вечерта на 15 јули пред своите симпатизери и поддржувачи, барем да им се обрати, да го признае поразот, така како што е редот. Тоа е преседан во поновата македонска политика. Тоа само уште еднаш го потврдува неговиот карактер на слаб, на исклучително слаб лидер. Според мое мислење, многупати сум го кажал, една вештачки самобендисана личност, инаку политички празна, со атипична ароганција за еден вмровец, само со празни фрази и флоскули и она неизбежното негово “Даскалот“, голема работа, да припаѓаме во несвест. Некој ден потоа ИК на ВМРО-ДПМНЕ по анализата што ја правеле таму заклучиле дека они се всушност победници а не губитници и го овластиле Христијан да преговара за ново парламентарно мнозинство, пази молим те. Одлучиле уште некој ден да ги мафтаат нивните. Христијан е завршена приказна. Може сега да го овластат и да преговара за генерален секретар на НАТО или ООН, ама исто му се фаќа, ништо нема да испреговара. Христијан нема да направи влада и десет пратеника повеќе да има, точно му кажа неговиот пратеник Никола Поповски, продолжува да лаже, да купува време и само ќе ги замајува партиските членови уште некој ден додека не разберат и не се разбудат од оваа политичка фатаморгана па после ќе почне игранката, нема да го спасат ниту пет статути да менува, ќе се демократизирал сега Христијан, абе ајде. Инаку клоцањето таму тукушто почна, тепањето допрва ќе почне. Ќе има многу нови ножиња. 

Луѓе мои, им кажувавме дека нема да победат, дека ги лажат дека ќе победат, не веруваа, упорно не веруваа, не знам каква е таа партиска заслепеност за власт и за моќ. Се силеа, се закануваа, ова ќе правеле, она ќе правеле, тропаа глупости и повторно се силеа, се закануваа и така секој ден, сега ги нема молчат, штама. Ги слушам некои од оние несреќни коалициони партнери на кои им гори под нозе поради низа судски процеси кои се водат против нив, како и на оној началникот, како наеднаш се спремни да дадат све, може и Албанец премиер секако, тоа не е ништо, алооо, ама не Ве сака никој нема што да дадете, ма све бре да може ќе дадат само да се спасат и да продолжат таму каде што застанаа 2016 година, е “нече мочи ове ночи“, та нели патриоти бевте.

  За кого ќе биде фајронт ?

Фајронт ќе биде конечно за оваа политика која ја делегитимиравме уште 2016 година но не ја поразивме целосно. Таа само се преобрази и мутираше во некоја можеби уште полоша форма, која се закануваше силно да го инфицира повторно македонскиот демократски организам кој беше во заздравување. Конечно ставивме крај на тоа. Фајронт ќе биде за Христијан и неговото друштво, односно за најслабата раководна структура на ВМРО-ДПМНЕ во неговата историја, заедно топтан сосе неговите стратешки “губитници“ односно соработници. Сите одат во аут. Фајронт е и за оние ситни новинарски пропагандисти, оние портпароли кои скокаа како мајмуни, се глупираа, се расправаа по улиците, оние новинарчиња на кои веднаш преку ноќ им ги укинаа емисиите, како и за оние покрупни суетни новинари кои останаа со прстот во уста па и во наредните четири години нешто ќе паламудат и повторно за ништо нема да бидат прашани. Ќе биде Фајронт конечно и за оние професори кои тотално се избрукаа во изминативе години, едноставно се ставија во служба на оваа погубна политика, абе ни се качија на глава со оној нивни лажен патриотизам и млатење празна слама, сите они се поразени. Фајронт ќе биде и за сите лажни патриоти и маскоти на кои се изнагледавме во изминатиов период. А ги имаше такви побајаги, особено во малите партии кои излегоа сами на овие избори. Добро им честитам на храброста но фајронт е и за нив. Не можам само да разберам како не ја научија до сега лекцијата дека не можат така лесно да земаат гласови на избори, особено не со овој изборен модел. Добро, многу од нив не разбираат или не сакаат да разберат, ниту пак да се соочат со тоа колку гласови тежат на пазарот па ги слушам сега како плачат и кукаат. Но едно треба да знаат овие партии кои не влегоа во парламент, ниту со промена на изборниот модел во една изборна единица тие не може да влезат со овој број на освоени гласови во парламент, што не им е јасно. Да го направиме изборниот праг еве 3% со една изборна единица, што е обично најмал изборен праг што постои во земјите од нашето опкружување, пак нема шанси да влезат. Затоа нека престанат да плачат, никој не им ги украл гласовите, толку се. Ја слушам онаа женичка од партијата “Глас за Македонија“, ќе се сложите прилично една одвратна појава во политиката која и по дома не ја сакаат, вреска на цел глас како и ги немало гласовите од роднините кои гласале за нејзе, ама јас сум сигурен дека ниту роднините ниту нејзините дома  го дале гласот за нејзе. Оној што го викаат дека бил поп, од партијата“ Интегра“, не отече со некои патриотски емотивни тиради, уверен дека ќе освои многу гласови, сега како изгубен го слушам тропа нешто глупости како марсовци со некој холограм му ги земале гласовите, се консултирал тој со експерти, луѓе мои циркус “Медрано“. Упорно не разбираат дека луѓето не даваат глас за ништо. Луѓето денес даваат глас за некоја политика во која гледаат остварување на некои свои погледи и замисли кои ги имаат, како и политики кои тангираат значајни прашања за нивната иднина или пак гласаат за лична корист, личен интерес, друго нема. Веројатно ќе го разберат тоа многу партии. 

Она што “Левица“ го освои на изборите, оние скоро четириесет илјади гласови е инцидент во македонскиот политички плурализам. Во демократија обично се случуваат вакви инциденти, обично на периоди, еднаш во десет до петнаесет години и тоа не е ништо невообичаено и страшно. Сепак треба да им се честита на таа бројка иако тоа се гласови дадени за ништо, претежно од помлади луѓе или многу разочарани постари луѓе кои едноставно се незадоволни од се, тие се сами против сите, против десни и леви, против естаблишментот, против олигарсите, против медиумите, против НАТО, против капиталисти, глобалисти, абе против се што мрда и се движи. Тоа му доаѓа нешто како оние панк и хипи движења порано во седумдесетите години. Обично луѓето кои го даваат сега гласот за оваа опција, односно глас за ништо, го даваат чисто од бунт и некоја моментална фрустрација која ја имаат во себе, но како што ќе созреваат така и никогаш повеќе нема да гласаат за вакви опции, ќе видите како на наредните избори нема ништо да освојат затоа што ништо и не може да понудат ниту реализираат за своите гласачи. Инаку што се однесува до нивниот лидер, оној Димче професорот, не треба воопшто да Ве загрижува неговиот вокабулар, неговите закани и слични будалаштини. Треба да знаете дека тоа е негов стил во кој тој ужива, задоволство му е да провоцира и сака да биде интересен, да привлекува внимание, се до оној момент додека не ги помине црвените линии, после тоа секако институциите ќе реагираат и ќе го фатат за уши. Тоа се обично личности со некои трауми кои ги носат во себе, со многу злоба и фрустрации, и знам многу такви луѓе, кога Ве предизвикуваат ако им залепите две воспитни ќе одат да плачат и пак ќе продолжат да Ве навредуваат и провоцираат. Ќе ги издржиме и ваквите, што не сме издржале. Сепак им честитам за влезот во парламент.

 Победа како планина 

Да, победата на Коалицијата предводена од СДСМ и Зоран Заев иако тесна, голема е како планина. Тоа многумина не го разбираат сега но ќе го разберат за кратко време. Гледам нешто прават новинариве вакви комбинации онакви комбинации за формирање на влада. Абе и мандатарот па и владата се веќе формирани, секако со поддршка на целата меѓународна заедница, се знае се и не се замарајте повеќе. Зошто е голема оваа победа? Затоа што е извојувана во едни исклучително тешки услови за секоја влада. Зад оваа влада имаше големи резултати но стекнати во едни тешки времиња, со тешки и емотивни одлуки за нашиот народ, во време на една светска здравствена пандемија, во една нерамноправна борба кога едни сакаа да одиме напред, да гледаме кон иднината, да носат тешки одлуки, другите го одбраа далеку полесниот пат, да бидат патриоти, да плукаат, да блокираат и да дојдат на готово на власт, со решени проблеми. Но загубија. Сепак загубија. Народот донесе исправна одлука, гледаше кон иднината и така гласаше. Оваа победа е голема како планина затоа што ќе ја прати конечно во историја таа погубна политика која не влечеше назад, затоа што вмровците ќе раскрстат со Христијан и неговите клиенти, веројатно ќе се опаметат и ќе ја сменат оваа плоча и конечно оваа победа е голема затоа што верувам дека под притисок на меѓународната заедница и под притисок на преговорите со ЕУ, ќе се направи една стабилна влада со старо-новиот премиер која ќе мора полека да ја расчистува македонската политичка сцена од разни корумпирани бараби, од криминални политичари и ебиветровци, од целиот оној олош кој се уште некако опстојува, едноставно граѓаните треба да знаат дека правда ќе има. 

Луѓе мои бидете спокојни. Се ќе се нареди како што треба. На добар пат сме. Еве за некој ден доаѓа еден од нашите најголеми празници 2 август Илинден. Полека ќе им го изгасиме светлото на сите оние на кои им најавивме фајронт, ќе одиме на краток заслужен одмор, некаде низ македонските планини или езера, нека биде оваа победа за Илинден и за 2 август, за иднината на Македонија. 

Чувајте се, бидете живи и здрави, се гледаме и слушаме по Илинден.

м-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close