ФАЦ: Црни економски времиња за Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ е под најголем притисок досега, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Дел од проблемите се економски и поврзани со рамката што ја задава американскиот претседател Доналд Трамп.
„Според единствените оценки на економистите, економскиот раст на Србија во 2025 година се преполови, странските инвестиции опаднаа, домашната потрошувачка опаѓа“, наведува весникот, додавајќи дека Вучиќ се соочува и со студентски протести.
„Во надворешната политика сè повеќе се руши политиката на нишалка на овој кандидат за ЕУ – кревка рамнотежа заснована на добри односи со Москва, Пекинг, Вашингтон и Брисел. А тоа има тешки последици по домашната економија“, пишува ФАЦ.
Залудно додворување на Трамп
Американските санкции ја погодија Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинско руско сопствеништво. „САД, кои сакаат да го ограничат рускиот извоз на енергенси и со тоа да ја ослабат руската воена економија, бараат Газпром да се повлече. Но, Русите не сакаат да продаваат. Тоа го доведува Вучиќ во тесно.“
Вучиќ се обиде да го избегне проблемот преку добри односи со Трамп. Не е случајно, пишува весникот, што со посебен закон зетот на Трамп, Џаред Кушнер, требаше да добие право на градба на просторот на Генералштабот во Белград. Но, договорот пропадна кога Кушнер се повлече поради протести на јавноста и обвинителниот предлог против министерот за култура Никола Селаковиќ.
„Повлекувањето на Кушнер не беше единствениот шамар. Неколку дена подоцна САД забранија увоз на гуми од фабриката Линглонг во Зрењанин, која е во сопственост на кинески инвеститори. (…) Српскиот извоз во САД останува оптоварен со необично висока царина од 35 проценти. Тешко дека тоа ќе се промени бидејќи САД ја сместуваат Србија во земји со големи дефицити во демократија, слободни избори и владеење на правото.“
Муртeње од Москва
Српската власт со задоволство ја дочека веста дека САД сепак одобрија НИС да работи без санкции до 23 јануари, што повторно ја активира рафинеријата во Панчево. Се појавија шпекулации дека зад одобрувањето стои унгарскиот премиер Виктор Орбан, што отвори теории дека унгарскиот МОЛ би можел да ги купи уделите на Газпром во НИС. Се споменува и концернот АДНОК од Абу Даби.
Москва негативно реагираше на претходните сигнали дека Србија би можела да го национализира НИС, а претседателот Владимир Путин ја потсети Србија на „обврските“ од договорот. „Како закана се интерпретира тоа што Русија го продолжи договорот за испорака на гас на Србија за само три месеци, до крајот на март 2026 година“, пишува весникот.
„Односите меѓу двата православни братски народа веќе претходно се нарушија кога Москва остро ја критикуваше продажбата на српска муниција на Украина. Таквиот извоз на оружје, кој наиде на пофалби од Западот, Вучиќ летово целосно го прекина, што во индустриските кругови се толкуваше како недоверливост на Белград“, додава ФАЦ.
Црни прогнози
Весникот пишува дека се нарушени и односите на Белград со ЕУ како најголем трговски партнер и инвеститор – не е отворен нов преговарачки кластер, а Вучиќ избегна да оди на Самитот ЕУ и Западен Балкан на крајот од годината. Покрај тоа, Кина не најавува нови економски активности во Србија.
„Внатрешните протести против власта на Вучиќ, надворешниот економски притисок, лошата клима и неизвесноста – сето тоа негативно се одразува на развојот на економијата на оваа земја со 6,5 милиони жители“, пишува весникот.
Прогнозите се црни, заклучува ФАЦ – преполовени странски инвестиции, пад на градежниот сектор, слаба домашна побарувачка и раст од само два процента за 2025 година. За оваа година се смета на помалку од три проценти, иако Народната банка на Србија е оптимистична и најавува 3,5 проценти. (Dw)






