ФАЦ: Пратеникот Николоски се споменува во корумпираните за легитимирање на режимот во Aзербејџан

Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност открива скандал со пратениците од Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и нивното политичко делување во режимскиот Азербејџан на претседателот Илхам Алијев, особено на пратениците кои се дел од набљудувачката мисија на ПССЕ, пренесе Слободен печат.

 

 

Од 2013 година наваму, пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски, постојано е член на таа мисија, па наводите кои во јавноста ги изнесува Кнаус, преку угледниот  Франкфутер Алгемајне Цајтунг, може да се однесуваат и на него, уште повеќе кога ќе прочитате дека го нарекуваат лидер на измамничка мисија. Пред неколку денови, поточно на 30-ти март, весникот пренесува интервју со Кнаус под наслов: „Кавијар дипломатија на Азербејџан во Европа: „Општа атмосфера на поткупливост“, посветено токму на сомнителната политика на некои пратеници и нивна вмешаност во корупција.

Набљудувачите одеа да изјават дека изборите се фер, а тие беа како во Источна Германија

„Ние всушност ја истражувавме состојбата со правата на жените во Азербејџан, во 2009 година, кога се одржуваше контроверзниот референдум за да му се дозволи Илхам Алијев да биде доживотен претседател. Имаше протести и апсења. Двајца млади активисти  знаевме дека беа претепани во ресторан во Баку од платени хулигани. Кога отишле во полиција, наместо да ги истражат сторителите, ги уапсиле тепаните пријавувачи и ги пратиле во затвор. Поради тоа, кога решивме да ја истражиме состојбата со младите неистомисленици со режимот наидовме на нешто неочекувано: додека репресијата во земјата се влошуваше, проценката на состојбата од страна на Советот на Европа, каде што Азербејџан е примен во 2001 година, стануваше сè повеќе и повеќе позитивна. Ова беше чудно. Почнавме да разгледуваме како може дa се случува ова.“- изнесува делови од своите истражувања, Кнаус.

Нему му е незамисливо тоа што го откриле за улогата на Советот на Европа и за европските политичари таму, вклучително и набљудувачите.

„Упатените во 2012 година ни објаснија како функционира оваа политика: парламентарците од цела Европа добиваа накит, патувања за годишни одмори и пари, набљудувачите на изборите добиваа десетици илјади евра за позитивни изјави за Азербејџан. Вработените во Советот на Европа зад затворени врати ни потврдија дека постапките на Азербејџан се отворена тајна во Стразбур. Други парламентарци изјавија дека долго време се сомневале дека некои колеги делуваат чудно во Баку. Но, како да се напише за тоа без цврсти докази? Првата задача беше да се објасни точно како режимот стратешки купуваше гласови во Советот на Европа и да опише кој и како јавно зборуваше и гласаше за Азербејџан. Откривме како мрежите во Советот на Европа систематски ги издигнуваат апологетите на азербејџанскиот режим на водечки позиции. Видовме дека одредени пратеници зборуваа во одбрана на режимот на секоја дебата за Азербејџан. Многу политичари од цела Европа редовно одеа во Баку како набљудувачи на изборите за да ги наречат изборите слободни и фер, иако гласањето беше како во Источна Германија.“- наведува Кнаус.

Тој истакнува дека следните пет години, по 2012 година,  станувало многу полошо, и во Азербејџан и во Советот на Европа. Тоа се годините кога и Николовски бил дел од мисијата на ПССЕ, бил набљудувач на претседателските избори во 2013 година, парламентарните во 2015 година, референдумот во 2016 – та.  Изјавата на Кнаус и неговите информации и наводи се многу сериозни, тие директно посочуваат на мито и корупција на пратениците во ПССЕ со цел да го легитимираат владеењето на Алијев.

Николовски го нарекуваат „лидер на измамничка набљудувачка мисија“

Но, како режимот на Алијев се инфилтрираше во Советот на Европа? Симболот на оваа политика била кавијар, но всушност станувало збор за многу пари. Накит, скапи теписи, покани со летови од бизнис класа до Баку, вклучително и попатна патека со луксузни хотели во Истанбул. На почетокот било само тест, ама кој прифаќал такви подароци станувал кандидат за понатамошни, поголеми. Ова беше случај и со италијанскиот демохристијанин Лука Волонте, кој беше осуден на четири години затвор во Милано, во јануари годинава, за примање мито од Азербејџан. Волонте не беше кој било пратеник, туку и водач на групата на Европската народна партија, најголемата во Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде што припаѓа и ВМРО ДПМНЕ. Тој помогна да се мобилизираат мнозинството пратеници, и праќал списоци  до неговите соучесници во Баку со обезбедени пратеници за гласање за резолуцијата за политичките затвореници во Азербејџан во јануари 2013 година.

Од 2013 година наваму, Николовски е редовен набљудувач на изборите во државата управувана од диктаторот Илхам Алијев, кој ја има власта од 2003 година, откако на функцијата го наследи својот татко. Но, дали улогата на пратениците како Николовски е да ги легитимираат сите избори, вклучително и референдумот во Азербејџан од 2016 година, без да регистрираат дека во државата на Алијев не се почитуваат основните човекови права? Прашањето е легитимно ако се знае дека, покрај тврдењата на Кнаус, Европската платформа за демократски избори во октомври, 2016 година, годината кога се спровел референдумот, а Николовски го набљудувал, а потоа и го легитимирал, објавува текст во кој Александар Николовски е наречен потпретседател на ПССЕ и лидер на измамничката набљудувачка мисија на ПССЕ во Азербејџан. Насловот на текстот уште подиректно ја детектира таквата улога на Николовски, а гласи:  Меѓународни „набљудувачи на изборите“ го обелуваат лажниот референдум во Азербејџан.

Да потсетиме, во септември, 2016 година, Азербејџан гласаше на референдум за продолжување на претседателскиот мандат од пет на седум години, чекор,  кој според критичарите  ја зголемил моќта на претседателот, 54-годишниот  Илхам Алијев. Седум години претходно, во 2009 година, преку сличен референдум, Алијев си овозможува неограничен број претседателски мандати, што значи може да владее доживотно.

Преку овие два референдума, со амин од пратениците на ПССЕ, Алијев ја циментира својата државничка функција, ја наметнува својата моќ и целосно управува со државниот апарат, а сето тоа негативно влијае врз слободите и човековите права. Сето тоа на Николовски му изгледа нормално, па во изјава за Ројтерс, тој вака го оценува референдумот: „Сметаме дека резултатите од референдумот се чекор кон безбеден, стабилен и одржлив развој на Азербејџан и ја одразуваат волјата на азербејџанскиот народ“.

Инаку, Николовски беше на чело на делегацијата за набљудување на изборите на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Во друга негова изјава за странски медиум, Николоски наведува дека референдумот за измена на азербејџанскиот устав е организиран во согласност со националното законодавство, процесот на гласање е транспарентен и непречен и не се регистрирани сериозни неправилности при пребројувањето на гласовите.

Норвешки Хелсиншки комитет: ПССЕ не смее да се користи како алатка за легитимирање избори

Но, во својата изјава по мисијата, делегатите Јорди Ксукла, Александар Николоски, Егемен Багиш и Агустин Конде не ја споменуваат критичната состојба со човековите права во земјата, не коментираат за тоталното истребување на слободни и независни медиуми во земјата, не ја спомнуваат репресијата врз независните набудувачи на изборите. Предизборната изјава на тие делегати на ПССЕ предизвикува сериозни сомневања во професионалноста, ако не и во непристрасноста на делегатите на ПССЕ.

Токму непрофесионалноста на набљудувачката мисија на ПССЕ  ја регистрира Норвешкиот Хелсиншки комитет и за парламентарните избори во Азербејџан, 2015 година, кои ги набљудувал и Николовски, наведува: „ПССЕ не треба да се користи како алатка за легитимирање на претстојните парламентарни избори во Азербејџан, кои се очигледно нелегитимни, и ќе служат само за да овозможат понатамошна репресија во земјата. Наместо тоа, ПССЕ треба внимателно да ги разгледа своите улоги и одговорности во однос на Азербејџан. ПССЕ треба да ја откаже својата мисија за набудување и јавно да каже дека нејзината причина за тоа е моменталната тешка состојба за човековите права во земјата“.

Значи, додека се алармира за сериозно кршење на човековите права, а при тоа ако се има предвид и политичката моќ на Алијев, тогаш оправдани се сомнежите дека изборите во Азербејџан се далеку од демократски и фер. Затоа се повиците да прекине мисијата на ПССЕ затоа што во неколку наврати давала сомнителни извештаи.

И додека Николовски низ Европа јавно го правдал референдумот на Алијев, а ги легитимирал и тамошните избори, групите и организациите за човекови права ги обвинија азербејџанските власти за нов бран на репресија за замолчување на критичките гласови пред референдумот, при што голем број активисти биле малтретирани, приведени, апсени или парично казнети. Ако Кнаус и меѓународни релевантни организации директно посочуваат дека пратеници од ПССЕ, особено оние од набљудувачките мисии, се вмешани во корупција само за да ја легитимираат власта на Алијев, тогаш има има многу прашања на кои Николовски ќе мора да и одговори на македонската јавност.

Back to top button
Close