ФАЦ: Само Србија и Црна Гора на листата на ЕУ за патување

Членките на ЕУ се пред постигнување договор за листата на трети држави чии граѓани ќе смеат да влезат во Унијата. Според ФАЦ, од земјите од Балканот на листата се само Србија и Црна Гора.

   

На првата листа ќе се најдат 14 трети држави чии граѓани од 1 јули ќе смеат да влезат во Европската унија, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Според информации на весникот, на таа листа од Западен Балкан се само Србија и Црна Гора. Покрај нив, во ЕУ би смееле да влезат и граѓани на Алжир, Австралија, Грузија, Јапонија, Канада, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис и Уругвај.

„Овие земји ги исполнуваат сите услови предложени од страна на Европската комисија. Тие имаат помалку или исто толку новоинфицирани со корона како и просекот на ниво на ЕУ, трендот кај нив е во надолна линија, а здравствените системи подготвени за товарот, а и дозволуваат слободен пристап за најголемиот дел од граѓаните на ЕУ. Кај Кина има извесни задршки, затоа што таа иззема некои земји членки на ЕУ“, пишува весникот и додава:

„Листата би требало да се актуелизира секои две недели за да се прилагоди на динамиката на пандемијата. Таа претставува препорака за ЕУ-државите и четирите земји кои се дел од Шенгенскиот простор. За спроведувањето на таа препорака одлучува секоја држава за себе. Сепак, намерата е да има единствено правило со оглед на тоа што во меѓувреме границите во Шенгенската зона се повторно отворени.“

извор: ДВ

Back to top button
Close