ФАКТОР: Бизнисменот Ратко Капушевски ќе профитира најмногу од енергетската криза?

Балкан Енерџи Груп влезе во рамковна спогодба во вредност од 40 милиони евра за набавка на мазут со РКМ, компанијата на бизнисменот Ратко Капушевски, пред операторот на топловодната мрежа да биде официјално администриран од АД ЕСМ додека трае енергетската криза за топлинска енергија.

Договорот бил постигнат вчера без претходно објавување на оглас, а РКМ ќе треба да набави 52,1 милиони килограми мазут. Според договорот, БЕГ не е должен да набавува мазут доколку се покаже доволна набавката на природен гас преку АД ТЕ-ТО, рамковна спогодба која беше постигната на крајот од минатата година. Испораката треба да биде најинтензивна во периодот од 24 до 28 јануари, кога РКМ треба да биде во можност да испорачува по 100 мегатони мазут дневно, пренесе Фактор.

Инаку од почетокот на енергетската криза се активираше и Регулаторната комисија за енергетика која во октомври одзеде две лиценци на компании за непоседување на резервоари за нафтени деривати, односно мазут во екот кога ова гориво беше насушно потребно. И РКМ беше на тапет кај Регулаторна изминатото лето поради непоседување на оперативни резерви на мазут.

Капушевски со РКМ на 19 јануари, односно еден ден пред постигнувањето на договор со БЕГ, регистрирал подружница-складиште на мазут со адреса на булевар Борис Трајковски во Кисела Вода. И неговата втора компанија, новоформираната Еуро Џет, исто така на 19 јануари на истата адреса отвора подружница-складиште за нафтени деривати.

Не е познато дали компаниите на Капушевски се меѓу оние кои обезбедуваат и мазут за ТЕЦ Неготино, кој по пауза од 2009 година, повторно се активираше поради скапата увозна електрична енергија. За работа на еден блок се потребни 650 тони дневно, а за двата блока пак требаат 1.300 тони дневно.

За време на грејната сезона заради засилена работа мазут е потребен и за РЕК Битола и РЕК Осломеј. АД ЕСМ објави дека набавката на мазут за ТЕЦ Неготино се одвива рамковно, но не ги објави договорите и компаниите.

извор: Фактор

Back to top button
Close