Фалат 48 проценти од потребните инспектори за животна средина

Индустрија, ресторани, работилници, депонија – изворите на аерозагадување се бројни, но за навремено нивно контролирање фалат вработени и возила. Кон влошување на состојбата придонесува и непочитувањето на Законот за зеленило.

Државните инспектори за животна средина одбираат да работат во приватен сектор, наместо да останат во државна администрација, поради платите. Во приватниот сектор добивале повисоки плати.

„Минатата година примивме тројца инспектори. Исто така еден инспектор ни замина. Тој инспектор, што ни замина, има 1.000 евра плата, отиде во приватниот сектор, кадешто платите се двојно или тројно поголеми од овие. Помлад инспектор, којшто првпат го примаме, има плата околу 400 евра. Со полагање на тој испит за инспектор платата му се зголемува на 550 евра. Значи платите се ниски во однос на приватниот сектор“, објаснува директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.

Во Државниот инспекторат за животна средина фалат 48 проценти од потребните инспектори. Поголем дел од тие што се останати да работат се на возраст кон пензија.

„Пополнетоста на Инспекторатот со инспектори е околу 52 проценти, значи од потребниот број согласно систематизацијата. Мал е бројот на инспектори. Поголем проблем е што голем дел од нив, односно 15 или 16 инспектори, дека имаат старосна граница над 56-7 години, што е проблем“, потенцира Стојковски.

Фали систем на заштита

Проблемот со недостатокот на инспектори го забележува и градскиот советник од „Зелен хуман град“, Горјан Јовановски.

„Јас можам да видам дека во град Скопје, на пример, ние имаме многу мал број на инспектори. Многу мал број на инспектори, коишто едвај работат во две, а камоли во три смени, а градот упорно тврди дека работат во три смени. Ние директно знаеме дека не можат да постигнат и немаат луѓе коишто се активни во трета смена. На државно ниво сигурно е уште пострашно, бидејќи имаме државен инспекторат, којшто треба цела држава да ја контролира и сите објекти, коишто имаат А интегрирана дозвола. А, тие се многу, се раководени од моќници“, вели Јовановски и додава: „Да дојде еден инспектор – која е неговата заштита доколку некој му се закани или доколку некој му подаде мито? Немаме некој систем којшто може да ги одбрани и оние инспектори, коишто сакаат да работат, а камоли да ги контролира оние инспектори коишто се решени да не работат“.

 

Додека на скопските улици има премногу автомобили, нив ги немало доволно кај градските инспектори.

„Досега проблемот којшто го имаат е дека немаат возила. Значи, за да биде ажурен еден инспектор кога ќе има пријавување во моментот, за да може да стигне до локацијата, потребно му е возило“, објаснува Ива Долстра, која преку лична иницијатива со својот сопруг се обидува да ги открие изворите на аерозагадување и причините за нерешавање на тој проблем. „И затоа разговаравме како на некој начин да го решиме овој проблем. Во иднина би сакале, секако, да се набават возила за секој инспектор да може да делува. Моментално решение е секој инспектор во областа каде што живее или работи, во таа област да делува и да се јавува на пријавувањата во таа населба кадешто е моментално“, додава сопственичката на ИТ-компанија.

Ресторани, работилници, депонија – мноштво на извори на аерозагадување

Во Државниот инспекторат за животна средина ни беше посочено дека кон загадувањето на воздухот придонесуваат и рестораните, кои користат јаглен при подготовка на јадењата. Во една од најзагадените скопски општини – општина Аеродром, инспекторите ги контролираат кафаните, рестораните за брза храна, но и автопералните, лимарските и механичарски работилници. Складишта за отпад во општината немало, но загадувањето во неа доаѓа од една соседна депонија.

„Загадувањето во општина Аеродром е последица на изворот на загадување делот на депонија Вардариште на територија на општина Гази Баба, за која овластениот инспектор за животна средина има поднесено кривична пријава против непознат сторител за согорување на отпад на отворен простор согласно член 56а од Закон за квалитетот за амбиентниот воздух“, информираат од општина Аеродром.

„Кога ќе се запали ваква нестандардна депонија, каде што има гасови, метан и така натаму, потоа тешко се гаси. Надлежноста околу Вардариште е на Градот Скопје. Така што Градот Скопје треба соодветно да реагира, односно неговите инспектори. Минатата година, за жал, скоро сите нестандардни депонии гореа“, нагласува директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.

На крајот на јануари градоначалничката на Скопје најави чистење и санација на старата градска депонија Вардариште и градење на спортски комплекс и парк на нејзино место.

Се гради без да се почитува закон

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина проблемот со загадениот воздух го гледа бетонизацијата на градот и непочитувањето на Законот за зеленило, со кој 20 проценти на секоја градежна парцела треба да биде со зеленило.

„Ние во последните две години отворивме два големи молови, а не можеме да видиме зеленило никаде околу нив“, вели Стојковски.

Тој вели дека мора да се зголеми зеленилото по парцела и забележува дека градоначалниците на крајот на мандатот потпишуваат договори со коишто потоа се градат огромни објекти, а зеленилото никаде го нема.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Овој текст и документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

Извор

Back to top button
Close