Фасино за МИА: Потребен е квантен скок во интеграција на земјите од Западен Балкан, бугарското вето не смее да продолжи

Однесувањето на ЕУ во однос на проширувањето е недозволиво. Таа мора да го забрза темпото на интеграција на земјите од Западен Балкан и да започне преговори со Северна Македонија. Бугарското вето мора да се крене. Неприфатливо е земја членка на Унијата да наметне вето врз пристапувањето на други земји. Тоа е очигледно кршење на правилата на функционирање на Европската Унија, вели во интервју за МИА Пјеро Фасино, член на Домот на пратеници во Италијанскиот Парламент и претседател на Комисијата за надворешни работи.

– Во однос на Северна Македонија, потребно е да се свика меѓувладина конференција за да започнат преговорите за членство во ЕУ во следните неколку месеци. Во последните месеци има разговори помеѓу новиот премиер на Бугарија и премиерот на Северна Македонија и се надевам дека овие разговори може да доведат до договор многу брзо и кревање на бугарското вето. Европската Унија мора да направи сè во нејзина моќ овие разговори да добијат позитивен исход и да се надмине бугарското вето, вели пратеникот Фасино кој е одличен познавач на ситуацијата на Балканот.

Забрзувањето на процесот на проширување, според него, го наметнува и влијанието од руско-украинската криза.

-Верувам дека бугарското лидерство е свесно, во светло на војната во Украина, која е многу блиску до Бугарија, дека токму оваа војна ја покажува неопходноста за ЕУ да биде покохезивна, кохерентна и посилна, а таква посилна Европа треба да ги вклучи земјите од ЗБ. Во оваа руско-украинска криза сите мора да бидеме свесни за потребата од забрзување на евроинтеграцијата на ЗБ. Бугарија мора да разбере дека во овој тежок и трагичен контекст, во една ваква трагична ситуација, ветото не може и не смее да продолжи, подвлекува Фасино.

Бавното темпо со кое ЕУ го води проширувањето и ги менаџира своите односи со земјите од Западен Балкан во изминатите 20 години, според него произведe три негативни последици – фрустрираност на јавното мислење во регионот, простор за влез на други играчи – Русија, Турција, Кина, ОАЕ што ќе има многу негативни последици и забавување на реформите од страна на земји кандидати поради бавноста на ЕУ што дополнително ќе придонесе за забавување на евроинтеграцијата.

-Кристално јасно е дека времето изминува и ова нема да ги реши проблемите, туку напротив, ќе ги усложни. Затоа потребно ни е ЕУ да ја промени динамиката, да забрза. Тоа не е само мое лично мислења, туку и став на мојата земја Италија, на Владата и на Парламентот. Италија бара од ЕУ драматична промена на динамиката на процесот на евроинтеграција за земјите од Западен Балкан. Испуштено е премногу време, потребно е да обезбедиме брзи одговори за кратко време заради стабилноста и безбедноста на овие земји и на Европа во целост. Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се членки на НАТО, затоа нема причина ЕУ да биде побавна од НАТО. Потребен е поинаков пристап од ЕУ со цел да го завршиме овој процес на пристапување на Западен Балкан во Унијата, особено кога и Украина, Грузија и Молдавија поднесоа апликации за интеграција во ЕУ. Потребен ни е квантен скок и ова е позиција на сите политички сили во парламентот во Италија, и на владејачкото мнозинство и на опозицијата. Ние во Комисијата за надворешни работи многу долго време работиме заедно со нашите колеги од комисиите од земјите од Западен Балкан на можноста за забрзување на преговорите со цел да имаме позитивен исход од овој процес, порачува Фасино.

Во видео интервјуто за МИА што во целост ќе биде објавено утре, Фасино кој е и претседател на Мониторинг комитетот за следење на почитувањето на обврските од земјите-членки на Советот на Европа, говори и за состојбата со македонското малцинство во Бугарија и неисполнетите обврски во однос на 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права, како и за влијанието на руската агресија во Укарина врз процесот на проширување на ЕУ и безбедноста на Западен Балкан.

Back to top button
Close