Фатете го прасето, за десет дена иде Божик!

Морам да признам дека по малку и уживам во паниката – како што точно оценува опозицијата – што ги има зафатено разни нивоа на социјалдемократската власт поради тоа како славно си поминуваат со локалниве избори. Тоа е партија која, традиционално, кога е на власт, се опушта до ниво на вонтелесно левитирање, мислејќи дека сѐ што лета се јаде и дека светот е создаден така што добрите идеи од партиската програма треба да ги спроведува некој друг. Голем број од нив десет години „од сенка“ го проучуваа владеењето на Груевски и потајно му се воодушевуваа, мислејќи дека тој грд занает самите ќе го усовршат кога ќе дојдат на власт, ставајќи демократска ружа во реверот и користејќи ја партијата како трамбулина за сите свои неостварени, влажни желби.

 

Па, кога силата на политичката гравитација, во облик на незадоволството на гласачите, неумоливо ќе ги тресне од земја, почнуваат да се тетерават и да излегуваат од властодржечкиот мамурлак, обично премногу доцна за политички отрезнети да го дочекаат она што им го носи утрото. Утрото по изборите.

 

Тоа е ситуацијата во која сега се наоѓаме: ќе се гои сдсмовското прасе во вториот круг гласање на десет дена пред Божик, френетично ќе се трча на сите страни да се бара изгубената поддршка со нови ветувања за поуките од задоцнето научените лекции, не би ли се разбудила свеста кај стотина илјади гласачи – тие што на овие избори, со правото на своето сеирџиско незадоволство, си останаа дома, а кои отсекогаш решавале кој ќе владее во земјата – што ги имаа, па ги загубија во последната година-две. Од СДСМ сега алармираат дека ѓаволот ја однел шегата и дека Груевски ги пакува куферите за враќање во Скопје. Во опозицијата веќе се прават списоци за одборите за негов дочек, бројот на местата за сдсмовци се ограничени.

 

Секој си живее со своите заблуди во вечната земја Македонија, каде чудата паѓаат од небо и по ведро и по облачно време.

 

Значи, дојдено е време за акција, борба! Мора да се делува конкретно, обединето, одлучно!

 

Со оглед на сериозноста на ваквата ситуација, вчера итно го закажавме извршниот комитет на локалните дебармаалски алкохолисти за да ги разгледаме резултатите од првиот круг локални избори и да донесеме мерки и активности за сузбивање на негативните гласачки појави. Па, кафеаната е нашата аналитичка судбина, ако се цени по бројот на луѓе кои го одгледале документарецот за Тома Здравковиќ!

 

Женски не викнавме, бидејќи се надвикувавме за важни политички теми, за кои не е добредојдена ситничавата рационалност за дневното преживување на женскиот нашминкан поглед на свет од кој се одзема и здивот и концентрацијата врз понудата на софрата. За загревање, главно се задржавме на летни манџи и мезиња, бидејќи зимницата сѐ уште не е стасана, но ракијата си беше уредно стара, од прекланската непотрошена предковидска реколта, миризлива и опојна како чувството на сеќавањата по старите добри времиња кога „со пенкало“ се рушеше режимот.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close