Фатмир Лимани за поразот во Кичево: Тој што садеше облаци, донесе дожд – Дехари е виновен, но гарантирам дека нема да има етнички реваншизам

Фатмир Лимани за поразот во Кичево: Тој што садеше облаци, По промената на власта во Кичево, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, го победи долгогодишниот градоначалник Фатмир Дехари, со остра реакција се огласи и Фатмир Лимани.

Во својата објава, Лимани го опиша резултатот како „тажен ден“ за албанската заедница, споредувајќи го со „дождливи денови“, но целата вина ја лоцираше директно кај Дехари.

„Некој што садел облаци со години и години, носел дожд на небото на општината. Тажно е, бидејќи оној што ги садел, знаел дека ќе донесе дожд. Тоа не се случило поради неговото незнаење“, напиша Лимани.

Тој тврди дека Дехари свесно ја предизвикал ситуацијата бидејќи одбил да се повлече и да се договори за заедничка албанска кандидатура, која, според Лимани, ќе победела уште во првиот круг.

„Тој знаел дека: злото во 4-5 мандати завршило. Тој знаел, но тврдоглаво не прифаќал отворање на ново поглавје на чело на Кичево со мене, со фигура од Војната, од Мачениците, од сопственото семејство, со неоспорен морал и личен и семеен интегритет“, обвини Лимани.

Според него, Дехари знаел дека со одбивањето на заедничка кандидатура:

Албанците ќе ги поделат гласовите;

Ризикува уште повеќе да ги подели двете главни заедници;

Ќе придонесе за „дефакторирање на Албанците на републичко и општинско ниво“.

„Па денес дождот падна, како што посакуваше со својата тврдоглавост и гнев. Тој, сејачот на облаците. Кој сее дожд, жнее бура, вели нашиот народ“, додаде Лимани.

Гаранција за етничките права

И покрај острите критики за Дехари, Лимани испрати смирувачка порака до албанската заедница, гарантирајќи дека нивните права нема да бидат загрозени од новиот градоначалник.

„Денес врне од горенаведените причини, а не затоа што некој друг победил, на крајот на краиштата, и тој е од Кичево. Уверен сум дека иако денес врне дожд, утре нема да има бура. Утре небото ќе биде ведро“, напиша тој.

 

Лимани даде лична гаранција дека нема да биде нарушено ниту едно етничко достигнување во Кичево: „Ви гарантирам дека ниту едно од нашите национални достигнувања… нема да биде нарушено: ниту јазикот, ниту знамето, ниту вработувањето, ниту меѓуетничкото разбирање. Нема шанси за меѓуетнички реванш. Гарантирам дека ова нема да се случи“

Тој најави дека останува во Кичево и дека е „помотивиран од кога било“ да му служи на родниот град.

„Почнувајќи од утре, ќе започнеме со спроведување на проектите и работните места што ги ветивме, за да ги држиме младите блиску до своите семејства… Ни треба развој, а не жар на ера што веќе е завршена“, заклучи Лимани.

Back to top button
Close