Фејсбук донира 200 милиони долари за бизниси на Афроамериканци

 Основачот и извршен директор на Фејсбук, Марк Закерберг, на почетокот на овој месец објави дека неговата компанија ќе донира 10 милиони американски долари за групи што се занимаваат со прашања поврзани со расната правда.

Иницијативата предизвика лавина донации и од тогаш „Епл“ донираше 100 милиони за промовирање на расната еднаквост, „Гугл“ најави дека ќе донира 175 милиони, а „ЈуТјуб“ уште 100 милиони долари, пишува „Енгаџет“ (Engadget).

Закерберг сега најави нова донација од 200 милиони долари за поддршка на компании што ги водат Афроамериканци. Од тие 200 милиони, 25 милиони ќе бидат за создавање содржини поврзани со оваа тема, а 75 милиони пари во готово и кредити за рекламирање на Фејсбук ќе бидат дистрибуирани на сопственици на компании и непрофитни организации кои опслужуваат заедници на Афроамериканци.

Останатите 100 милиони ќе бидат искористени за поддршка на добавувачите. Сето ова е дел од пошироката цел на Фејсбук да троши најмалку 1 милијарда американски долари годишно за поддршка на разни добавувачи.

Фејсбук исто така работи на нова содржина во рамките на социјалната мрежа што ја нарече „Lift Black Voices“, каде ќе бидат објавувани приказни за Афроамериканци, ќе бидат споделени едукативни материјали, а другите ќе бидат охрабрени да прават донации. Компанијата, исто така, планира да обезбеди бесплатна обука за Афроамериканците преку програмата наречена Elevate, која вклучува 100.000 стипендии за студенти црнци во нивната програма за „Фејсбук план“.

Back to top button
Close