ФЕЉТОН Како опиумот е вбризгнат во историјата на Македонија?

Експанзијата на производството на канабисот (марихуаната) за медицински цели во Македонија последниве години, колку што ја детектира оваа дејност како естра-профитабилен бизнис, толку и покажува дека таа, повеќе од симболично, не е „без корен“.Производството на канабисот за медицински цели нè навраќа во не толку далечната историја кога македонското поднебје не само што било препознаено како одлична почва за насади со афионот, од кој се добиваат опиумот и морфиумот, туку имало и водечко место на светската мапа на производството на овие опијати.

Кога се исчитуваат документите и хрониките поврзани со производството на афион, опиум и морфиум од разни архиви, тие се сè освен здодевно четиво какво што се очекува од депоата во кои се чуваат административните записи и преписки. Напротив, слободно можат да се оквалификуваат како материјал за стории, филмови и ТВ серии од трилер жанрот.

 

Како опиумот е вбризгнат во историјата?

Откако германскиот фармацевт Фридрих Зертурнер (Friedrich Sertürner) на почетокот на 19. век го изолирал екстрактот на морфиумот од опиумот, овој „лек“ според тогашните непишани критериуми станал многу популарен во аптеките. Тие фармацевтски „препарати“ за ублажување на болките не само што не биле инкриминирани, туку производи како капки за кашлица од хероин и лек за забоболка со кокаин се продавале отворено и слободно, а производителите користеле и живописни реклами, кои денес изгледаат апсолутно политички некоректни.

Овие објави на летоци, паноа или печатени во весници рекламираат паста за заби со кокаин, хероин пакуван во шишенца што се продава во аптеки и сл.

Денес, пак, со сепритуноста на интернетот, можете да најдете и по некој видео-тутиријал како се извлекува катранот од афионовата чушка.

Кон крајот на 19.век, независно еден од друг, францускиот хирург Шарл Праваз и шкотскиот лекар Александар Вуд го измислиле хиподермичниот шприц. На тој начин веќе едновековната употреба на морфиумот, сега со помош на „бризгалката“ (германски: spritze од spritzen – вбризгува) станала неизбежна „алатка“ за лекарите, со која постигнувале привремено исчезнување на сите болни симптоми.

Во 1949 година Артур Смит регистрирал патент во САД за шприцови за еднократна употреба, кои за масовна употреба почнала да ги произведува компанијата Бектон и Дикинсон од 1954 година. Овие шприцови биле направени од стакло, а во 1956 година новозеландскиот фармацевт Колин Мардок го измислил и патентирал пластичниот шприц за еднократна употреба.

Како и да е, производството на морфиумот во 19. век станал широко распространето. И како што обично бидува, додека на нечиј афион метафорично кажано „не му се стемни“, другиот нема да го огрее сонце.

Кон крајот на 19 век американскиот Конгрес ја донел првата забрана за опиум за заштита на белото население во САД. На европско тло, Османлиите тогаш го форсираат афионот како земјоделскат култура на Балканот, во Повардарието. Во тој дел на тогашната Османлиската империја, благодарение на агро- биолошките предности на македонското тло, афионот одлично успевал и набргу станал меѓу најценетите во светот.

Македонскиот афион содржел од 14 до 16 проценти морфин (или морфни единици) наспроти кинескиот, со само 3 до 5 проценти. Само афионот во Авганистан имал слична морфинска „реколта“ колку македонскиот.

Авганистан како земја со „специфично геополитичко поднебје“ подоцна станува доминантен производител во светот и го држи тој примат до ден денешен.

 

 

„Балканска Колумбија“

Во Зборникот се објавени 119 документи, кои датираат од март 1931 до јули 1941 година и тие се однесуваат на активностите преземани за постигнување на Турско-Југословенскиот договор за извоз на опиум, за работата на Централното продажно биро со седиште во Истанбул и конечно за резултатите што Бирото ги постигнало за време на своето постоење.

Документите го потенцираат квалитетот на македонскиот опиум и неговиот статус во фармацевтската индустрија и на светскиот пазар на наркотици, истакнувајќи ги главните предуслови што го вреднуваат овој производ како што се поволните геолошки предиспозиции на земјиштето и специфичните климатски услови карактеристични за одредени делови на Македонија. Продорот на модифицираната медитеранска клима од Егејското Море по долините на реките Вардар и Струма, која во комбинација со растреситата земја што содржела ситен песок и малку вар, нудела идеални услови за одгледување афион.

Уште од 80-тите години на 19. век имало податоци дека афионот од кој се добивал опиум со најголем процент на морфиум односно со најдобар квалитет, се одгледувал во Тиквеш и во Раец. Другите области во кои се произведувал висококвалитетен афион, освен околината на Кавадарци, биле Струмица и Велес. Со помал процент на морфиум бил добиениот опиум во околината на Прилеп, Штип, Скопје, Куманово и Кочани.

 

Првите информации за количеството на опиум што се добивало во Македонија биле ретки и недоволни. Статистичките податоци на Османлиската Империја укажуваат дека во 1880 година биле произведени 70 тони, а во наредната година производството достигнало 79 тони суров опиум. Во периодот од 1901 до 1911 година годишното производство во Македонија изнесувало од 30-80 тони, што во просек значело 97 тони опиум. За време на Балканските и Првата светска војна (1912-1919) производството во просек изнесувало 60 тони годишно.

 

Најголемиот дел од родот се извезувал преку пристаништето во Солун. Во 1893 година биле изнесени 19 тони опиум, а во наредните години извозот постојано се зголемувал. Непосредно пред почетокот на Балканските војни речиси четвртина од извозот од Македонија, кој се одвивал преку Солун (26, отсто), го сочинувал суровиот опиум. Главните увозници биле Мала Азија (Турција), Германија, Велика Британија и САД.

(Продолжува)

Подготвил: С.С.

Извор: Рацин

 

Back to top button
Close