Федералниот суд ја блокираше забраната на Трамп за издавање визи за странски студенти на Харвард
Федералната судијка Алисон Бароуз издаде привремена забрана неколку часа откако Универзитетот Харвард поднесе изменета тужба, барајќи итна судска интервенција за да се запре најновиот обид на администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, да ги блокира новите меѓународни студенти од влез на универзитетот.
Федералниот суд ја блокираше забраната на Трамп за издавање визи за странски студенти на Харвард
Забраната, која беше издадена доцна вчера по локално време, доаѓа откако администрацијата на Трамп се обиде да ги замрзне визите за странските студенти, кои сочинуваат околу една четвртина од студентското тело на Харвард.
Судијката во својата наредба наведе дека, доколку забраната не се суспендира, Универзитетот ќе претрпи „непоправлива штета“ пред да се одржи сослушување на сите страни по ова прашање.
Харвард поднесе изменета жалба откако администрацијата се обиде да ја укине можноста на универзитетот да запишува странски студенти.
Во тужбата се тврди дека прогласувањето на Трамп е неуставно, бидејќи го крши Првиот амандман и претставува обид за „владина одмазда“ против Универзитетот поради неговото одбивање да поддржи одредени политички позиции на администрацијата.
Од Харвард изјавија дека странските студенти се клучни за неговиот академски, научен и економски успех и дека без нив Универзитетот би го изгубил „својот карактер и мисија“.