Федерер нема да замине во пензија дури и кога ќе наполни 40 години
Роџер Федерер нема да замине во пензија во 2021 година, тврди неговиот долгогодишен тренер и пријател, Северин Лути.
Во интервјуто за швајцарскиот магазин „Смаш“, тој најави дека освојувачот на 20 Гренд-слем титули ќе продолжи да игра со несмалена желба, но тој прво мора да се опорави.
Федерер во последните неколку месеци имаше две операции на коленото и нема да игра до крајот на сезоната.
– Повредата пристигна во најдобар можен час и уште подобро кога имате предвид што се случува со рангирањето, иако тоа не влијае многу врз него во емотивна смисла. Тој не е некој што се чувствува фрустриран. Ден по операцијата, тој веќе планираше како ќе го помине времето со семејството. Тој ја има оваа уникатна карактеристика да одржува големи амбиции без да биде опседнат или фрустриран кога се случуваат несакани работи, вели Лути.
Швајцарскиот стручњак, кој долги години е на чело на националниот Дејвис Куп тим, гледа одредена паралела со повредата на Федерер од 2016 година.
– Има одредени паралели. И двапат поминал на операција и во двата случаи се влошуваше состојбата, па практично моравме да започнеме од почеток, а му требаше повеќе време за рехабилитација. Од првиот момент, тој погледна кон иднината со оптимизам и ентузијазам, пристапи кон сè на многу позитивен начин. Мислам дека ќе биде многу корисно за него тоа што го помина во 2016 година, смета Северин.
На прашањето кога Роџер би можел да замине во пензија, бидејќи спомна одредена можност дека тоа ќе се случи во блиска иднина, Лути рече дека не мисли дека тоа нема да се случи наскоро.
– Чувството ми е дека тој нема брзо да се повлече. Тој сè уште сака да игра тенис, никогаш не сум го чул како вели дека сака да запре и да си го смени животот или дека е уморен од патувањето. Не можете ништо да отфрлите 100%, но гледајќи како тој продолжува да ужива во тенисот и со пријателите насекаде, не мислам дека ќе замине во пензија во 2021 година, заклучи Лути.