Феликс Гонзалез – Торес: забавно провокативен, смртно сериозен

 

Талентот на Феликс како уметник беше тоа што ја разбра моќта на суптилноста.

„Би рекол дека како што стануваше помалку личност, така повеќе го сакав. Со секоја лезија што ја добиваше, повеќе го сакав. До последната секунда. Му реков сакам да бидам таму до твојот последен здив. И бев таму, до неговиот последен здив.“

Ова се зборови на концептуалниот уметник Феликс Гонзалез-Торес во интервју од 1995 година. Раскажува за смртта на неговиот партнер Рос Лејкок, кој починал од СИДА четири години порано. Помалку од една година по интервјуто, самиот Гонзалез-Торес ѝ подлегнал на болеста. Имал 38 години.

 

“Untitled” (Wawannaisa), 1991, by Félix González-Torres. Photograph: © The Felix Gonzalez-Torres Foundation

 

Голем дел од делото на Гонзалес-Торес се однесува на Лејкок, кој починал во периодот кога ѕвездата на овој американски уметник со кубанско потекло започнувала да сјае во светот на уметноста (интервјуто за американското уметничко списание „Бомб“ беше дадено по повод неговата самостојна изложба во Гугенхајм, Њујорк).

Оттогаш, има многу изложби низ Америка и Европа. Во Лондон отворена беше постхумна изложба во галеријата „Серпентин“ во 2000 година, со истовремени прикажувања во музејот „Викторија и Алберт“, „Камден Артс Центар“, „Кралскиот колеџ за уметност“, „Челси“ и „Вестминстер“, и на разни локации низ главниот град: неговите венци од светилки ги осветлуваа улиците во Камден додека огромните билборди, прикажувајќи две вдлабнати перници на несреден кревет стоеја над сообраќајниците од Ламбет до Падингтон.

 

 

Дваесет години по неговата смрт, sвездата на Гонзалез-Торес не згаснува. Всушност, неговата репутација продолжува да расте. Во 2007 година, ги претставуваше САД на биеналето на Венеција, а во 2010 година едно од неговите дела со купови бонбони се продаде за 4,6 милиони американски долари.

Сега е изложен истовремено на три места: во Хаузер и Вирт во Лондон, во галерија Андреа Розен во Њујорк и Масимо де Карло во Милано. Секоја галерија се фокусира на различен аспект на неговото дело и е курирана од уметниците Рони Хорн и Џули Аул. И двајцата биле блиски со уметникот и се соработници на Фондацијата Феликс Гонзалез-Торес, формирана во 2002 година. Фондацијата скоро фанатично го заштитува наследството на уметникот: ниту Хорн ниту Аул не беа подготвени да зборуваат за нивната кураторска улога, а по една недела премислување конечно прифатија да испратат меил со список на дела што ги избрале за секоја поставка.

 

Felix Gonzalez-Torres, “Untitled” (USA Today), 1990

Оваа очигледна недоверба кон печатот изгледа чудно и спротивно на отвореноста и великодушноста што уметникот ја покажуваше во текот на неговата кратка кариера, не само низ неговата трогателна искреност во интервјуата, туку и преку самото дело и елементот на ритуал во однос на интимата пред јавност и физичка интеракција со неа. Бонбоните eвоцираат идеи за католичка трансупстанција, но и нешто со посилен еротски набој и субверзија.

Американскиот критичар и куратор Роберт Стор купи едно од најпознатите “слатки” дела на уметникот, „Untitled“ (Плацебо), за МОМА, Њујорк, во периодот кога работел како виш куратор во музејот.

Делото од 1991 година е голем правоаголен тепих од бонбони завиткани во сребрена фолија. Може да изгледа, на прв поглед, како типично минималистичко парче или пример за распрскувачка, светкава уметност од доцните 60-ти, со единствена разлика што делото трепка и искри и сте добредојдени да се послужите од бонбоните.

„Секоја бонбона во суштина е еден вид домаќин“, објаснува Стор, „сурогат за тело што не е таму, затоа што суштината на тие бонбони ја претставува суштината на Рос, кој веќе починал од СИДА, и на самиот Феликс, кој бил на крајот од животот поради сидата. Па така, како што ги конзумирате бонбоните, го консумирате телото и крвта на пациент кој боледува од СИДА, а исто така, на јавно место, ја цицате сржта на двајца мажи кои биле љубовници.

И така, тоа е дело што е и забавно провоцирачко и смртно сериозно, особено со оглед на климата на хистерија и незнаење за сидата во тоа време. Суптилно, но моќно, Гонзалез-Торес ги претставува заболените од СИДА како жртви, маченици на културата.

Делото претставува и идеја за обнова (дури и воскресение), бидејќи изедените бонбони редовно се надополнуваат. И во време кога постоењето на НЕА (National Endowment for the Arts) беше постојано под политичка закана како тело за финансирање на уметниците кои отворено прифаќаат „трансгресивни“ теми поврзани со сексуалноста и сексуалниот идентитет, Гонзалез-Торес не се обидуваше да шокира. Наместо тоа, користеше минимални стратегии за да го ангажира, а не да го одврати гледачот.

Така, не е изненадување што Гонзалез-Торес рекол дека „има проблем со тоа што се очекува од нас“, односно се спротивставил на она што хетеро конзервативното општество очекува да го види од машките геј уметници. Додека неговиот современик Рон Ејти, во еден „озогласен“ перформанс фрла натопени парчиња ткаенина со крв свежо заразена со ХИВ, кои потоа се врз главите вознемирените посетители, Гонзалез-Торес го поканува гледачот да прошета низ завеси од црвени монистри.

FELIX GONZALEZ-TORRES – “UNTITLED” (BLOOD), 1992

 

Гонзалез-Торес сметаше дека не е ниту неопходно ниту ефикасно да се користат таканаречени директно во лице тактики. „Она што понекогаш сакам да го постигнам со некои дела поврзани со хомосексуалната желба е е да бидат поинклузивни.“ – вели тој. Така, делото (Без наслов)“ Златно (1995) со својата свиленкаста завеса од ситни жолти монистри, сугерира езотерична сексуална пракса без да се заканува на публиката. „Мора да му веруваме на гледачот и да веруваме во моќта на објектот. А моќта е во едноставните работи.“ – вели тој.

Наместо да применува агресивни тактики, Гонзалез-Торес создаде моќни метафори, користејќи ги за да го насочи вниманието кон сложени и честопати комплексни прашања, за социјалните прашања; од СИДА, преку културата на оружјето до сиромаштијата и сексуалните и маргиналните идентитети. Оттука, едноставно двa часовници кои покажуваат исто време во „Без наслов“ (Совршени љубовници).

Стор, кој беше кустос на биеналето во Венеција е уверен дека Гонзалез-Торес е еден од најважните уметници што се појавил во 90-тите години, како темелна и трајна фигура, како што била и Ева Хес во 60-тите и 70-тите години (Хес исто така починала млада, од тумор на мозокот). „Талентот на Феликс како уметник беше тоа што ја разбра моќта на суптилноста“, вели тој. „Кога сите врескаат, прошепоти и луѓето ќе слушнат“.

 

 

Извор: The Guardian

ПРЕВЕДЕНО ОД:

ЛЕНИ ФРЧКОСКА

AUG 31, 2020

Back to top button
Close