Фестивал ArtArea#4 во кафе-книжарницата „Буква“

Во организација на издавачката куќа „Бегемот” оваа година во кафе-книжарницата „Буква” ќе се одржи четвртото издание на книжевниот фестивал „ArtArea”, кој ќе трае три дена. Од 14 до 16 мај, во „Буква” ќе може да се проследат изложби, книжевни (видео) промоции, базар на ракотворби, поетско читање и филмски проекции.
„ArtArea” е интермедијален фестивал што ја поттикнува и промовира современата парадигма на интегративно и интерактивно културно дејствување. Фестивалот ја пресретнува градската потреба за формирање и одржување зони на пресек на различните културно-уметнички полиња, во поглед на авторската работа и на рецепцијата на публиката, трудејќи се да воспостави силна и плодотворна врска меѓу одделните „соби” на културата.
Со тоа, како фестивалски тим сакаме да направиме видлив исчекор кон вмрежувањето на културната сцена и да ја поткренеме свеста за нејзината разнообразност, но и за можностите таа да прави нови и неочекувани преплети преку конкретни изведби, публикации, поставки и експерименти.
„ArtArea” е фестивал особено насочен кон откривањето на новото во урбаната култура и се труди да воспостави платформа за иновативно делување што потенцијално би ги збогатило културните содржини во градот и би привлекло нови учесници во живата градска култура.
Годинава фестивалот ќе се одржи во дворот на кафе-книжарницата „Буква” во центарот на Скопје, а на наше задоволство, оваа година фестивалот го препознаа и го поддржаа Креативна Европа, Министерството за култура на Северна Македонија и Градот Скопје, што е доказ за важната позиција што ја изгради фестивалот „ArtArea” во културната сфера.   

Back to top button
Close