Фестивалот на античка драма се сели од Античкиот театар на безбедни локации во Стоби – да не ни се случи „античка“ трагедија со жртви!

Мермерните блокови, седишта на западната половина во античкиот театар во Стоби, се распукани и се распаѓаат. Не е безбедно за публиката да дојде на претстава во Стоби.

Археологот од Националната установа Стоби, м-р Гоце Павловски, предупредува дека под седиштата има радијални ѕидови, чијашто статика во изминатите 2000 години е разнишана.

– Не дај боже, дури и при помал земјотрес додека се одржува некаква претстава во Стоби, седиштата може да пропаднат внатре и може да има и жртви. И не мора да биде земјотрес. Седиштата едноставно може да пропаднат под тежината на публиката. Затоа не е безбедно да има претстави во театарот- опоменува м-р Павловски.

И Фестивалот на античка драма, кој лани изостана поради пандемијата, ова лето ќе се одржува на други локации во Стоби.

Директорот на Велешкиот театар, Сашо Димоски, вели дека Фестивалот на античка драма ќе се одржи во август, на неколку други локации во археолошкиот локалитет Стоби. Тој не откри повеќе детали за Фестивалот, само посочи дека тој ќе биде меѓународен

Археологот Павловски вели дека Министерството за култура треба да издвои 2 милиони евра, со цел античкот театар да се конзервира и да се заштити, а дури потоа може да се размислува за негова ревитализација.

Истражувањата во театарот во Стоби се почнати во 2009 година, а првите конзервации датираат од 2013 година.

Back to top button
Close