Фетаи: Остро го осудувам случајот со малолетничката во Слупчане – нулта толеранција кон секоја форма на насилство

Заменик-претседателот на Владата – Арбен Фетаи ги осуди тешките и неприфатливи дела на сексуална злоупотреба и уцена врз малолетничка во селото Слупчане, Општина Липково, како што беше објавено во медиумите.

„Како држава, имаме нулта толеранција кон секоја форма на сексуално насилство, особено кога тоа е насочено кон малолетници. Овие кривични дела не само што го уништуваат животот на жртвата и нејзиното семејство, туку и сериозно ја нарушуваат довербата на граѓаните во државните институции“, се наведува во реакцијата на Фетаи.

Тој изрази целосна поддршка за итните дејствија на Министерството за внатрешни работи и Полицијата и очекува Јавното обвинителство да постапи со итност, решителност и професионализам за да ги изведе пред лицето на правдата сите одговорни, без никаков компромис, како и да обезбеди примерни казни во согласност со одредбите на Кривичниот законик.

Фетаи нагласи дека жртвата и нејзиното семејство заслужуваат целосна институционална заштита, како и психолошка и социјална поддршка од надлежните институции.

Back to top button
Close