ФФМ потврди – од УЕФА пристигна известување за сомнителни натпревари во Македонија

Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека примила известувања од УЕФА за сомнителни натпревари. Овие известувања се однесуваат на натпревари од Првата и Втората лига, како и на еден контролен меч.
„Во врска со информациите кои се појавија во некои медиуми за истрага за наместени натпревари на домашни клубови, сакаме да информираме дека, во интерес на целосната транспарентност и објективното информирање на јавноста, ги објавуваме документите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА“, стои во соопштението.
Известувањата се однесуваат на неколку натпревари од домашното првенство, како и на контролни натпревари, во кои се забележани нерегуларности поврзани со обложувањето.
Објавените документи содржат чувствителни информации, кои се заштитени, главно за зачувување на интегритетот на истрагата и согласно упатствата на надлежните органи. Објавувањето на тие делови во моментов би можело да влијае негативно на тековните постапки.
Фудбалската федерација на Македонија активно соработува со Одделот за интегритет на УЕФА и со државните институции за целосно расчистување на наводите и сомнежите.
Важно е да се напомене дека ФФМ не е истражен орган, туку делува според добиените информации во координација со институции кои имаат законска надлежност за понатамошно постапување“, се вели во соопштението објавено на официјалната веб-страница на ФФМ.
УЕФА обратила внимание на натпреварите Башкими-Шкендија (1:3), Струга-Башкими (6:0), како и натпреварот од Втората лига помеѓу Башкими и Вардар Неготино.
Сомнежи постојат и за два натпревари на Охрид: Охрид-Тетекс (4:3) и контролниот меч Охрид-Работнички (2:8).






