ФФМ: Синот на Касами никогаш не бил повикан да настапи за македонската младинска репрезентација, селекторот одлучил дека нема квалитет
По информацијата дека синот на актуелниот тетовски градоначалник Биљал Касами, Лавдрим Касами, ќе настапува за Фудбалската репрезентација на Албанија до 19 години, што тетовскиот градоначалник лично ја сподели на Фејсбук, „360 степени“ се обрати во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со прашање, дали Лавдрим некогаш добил покана да настапува за македонската репрезентација во категоријата од У-19.
Оттаму ни одговорија дека младиот Касами немал ниту повик ниту настап за нашата младинска репрезентација.
„Нема ниту повик, ниту настап. Селекторите одлучиле дека нема квалитет. Никој не смее да се меша во изборот на селекторите“,изјави портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.
Инаку, како што ни посочи тој, селектор на младинската репрезентација е токму тренерот и координатор на ФК „Шкендија“ од Тетово, Ерхан Селими, клубот за кој игра и младиот Касами.
Од ФФМ ни објаснија и дека Лавдрим Касами мора да има албанско државјанство за да добие покана за настап за албанската фудбалска репрезентација.
Актуелниот тетовски градоначалник Биљал Касами објави дека неговиот син Лавдрим Касами ќе настапува за Фудбалската репрезентација на Албанија до 19 години.
Синот на Касами е играч на тетовска Шкендија, а поканата што ја добил е да настапува за пријателските натпревари што Албанија ќе ги игра против Ирска.
Инаку, Касами на локалните избори закажани за 19 октомври како кандидат од коалицијата ВЛЕН ќе ја бара довербата на тетовчани за втор мандат.