„Фич“: Потврден кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија

 Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија на „ББ +“, со негативен изглед. Во извештајот,„Фич“ нотира дека потврдениот рејтинг во услови на пандемија е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, развојот на човечкиот капитал, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс.

Агенцијата, како што соопшти Министерството за финансии, предвидува раст на македонската економија од 4,1 отсто во 2021 година и 4,3 отсто во 2022 година, како резултат на поволните економски услови на клучните извозни пазари. Домашната кредитна достапност, континуираниот раст на платите и јавните инвестиции ќе ја поддржат домашната побарувачка, но закрепнувањето во целост ќе зависи од развојот на пандемијата и стапката на вакцинирано население, посочуваат од „Фич“.

„Фич“ во извештајот наведува дека процесот на евроинтеграција помага за зацврстување на политиките, поддршка на извозот, прилив на странски директни инвестиции и др.

Очекувањата на Агенцијата за буџетскиот дефицит за 2021 година се дека ќе изнесува 6,1 отсто од БДП, што е пониско од ревидираната владина проекција која изнесува 6,5 отсто од БДП. Како што е наведено во извештајот, Предлог-буџетот на Владата за 2022 година е во согласност со Фискалната стратегија 2022-2026 година, која предвидува опаѓање на буџетскиот дефицит на 4,3 отсто и 3,5 отсто од БДП во 2022 и 2023 година, респективно, пред да достигне 2,2 отсто од БДП до 2026 година.

Според „Фич“ усвојувањето на новиот Закон за буџети може да обезбеди силна поддршка за фискалната консолидација преку воведување на обновена фискална рамка, вклучувајќи  фискални правила и формирање фискален совет.

Агенцијата очекува државниот долг да достигне 53 отсто од БДП до крајот на ова година и 55,3 отсто од БДП до 2023 година. Буџетскиот дефицит би се спуштил на 3 отсто од БДП до 2023 година, додека нето странските директни инвестиции се очекува да се позиционираат на 3,1 отсто од БДП до 2022 година, целосно финансирајќи го дефицитот на тековната сметка.

Кредитниот рејтинг на една земја, како што велат од Министерството за финансии, го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму има идно влијание врз зголемувањето на економскиот раст, зголемувањето на извозот, зголемена вработеност и повисоки плати. Потврдата на кредитниот рејтинг на државите во време на пандемија, исто така влијае, и врз намалување на трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматните плаќања, велат од Министерството за финансии.

Back to top button
Close