Фицо бара договор со ЕУ за Словачка да не трпи последици од прекинот на испораките на руски гас

Словачка има за цел во вторник да постигне договор со Европската комисија (ЕК) и партнерите од ЕУ, што би гарантирал дека нема да трпи последици од прекинот на испораките на руски гас или нов пакет санкции против Русија, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.

Како што пренесуваат британските медиуми, Словачка го блокираше 18-тиот пакет санкции на ЕУ поради несогласувањето со посебниот предлог на ЕК за целосно суспендирање на увозот на руски гас од 2028 година, што, според неа, може да предизвика недостиг, зголемување на цените и транзитните такси, како и барања за надомест од рускиот добавувач Газпром.

-Мораме нешто да добиеме во оваа борба, иако тоа нема да биде совршен резултат 100:0. Сакаме политички обврски и гаранции од нашите партнери и ЕК дека овој проблем нема да падне само на грбот на Словачка, рече Фицо.

Словачкиот премиер посочи дека сè уште не е јасно дали ќе се постигне договор, бидејќи некои прашања сè уште остануваат нерешени.

Фицо изјави дека една од темите во разговорите била „ограничување на транзитните такси што Словачка би морала да ги плаќа за алтернативните правци за неруски гас“.

Back to top button
Close