Фицо: Транспортот на нафта преку „ЈАНАФ“ ќе биде пет пати поскап отколку преку „Дружба“

Транспортот на нафта преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) ќе биде пет пати поскап за Словачка отколку транспортот преку нафтоводот „Дружба“, кој нема проток на нафта повеќе од две недели, изјави премиерот Роберт Фицо по владина седница со претставници на рафинеријата „Словнафт“.
На седницата, словачката Влада прогласи вонредна состојба во врска со испораките на нафта и се согласи да ѝ обезбеди на рафинеријата 250.000 тони нафта од државните материјални резерви.
„Проблемот е што, прво, не го тестиравме целосниот капацитет на нафтоводот „ЈАНАФ“, и второ, ако плаќавме или плаќаме транзитна такса од малку повеќе од едно евро по тон нафта на 100 километри, во случајот со Хрватска тоа е повеќе од пет евра. Тарифите се пет пати повисоки ако транспортираме нафта преку „ЈАНАФ“ до Австрија, Унгарија и Словачка“, рече Фицо.
„Доколку украинскиот претседател Володимир Зеленски дефинитивно го запре протокот на нафта низ Украина, ќе платиме повеќе за таа стока, ќе платиме повеќе за царини само затоа што претседателот Зеленски игра некои игри тука“, предупреди тој.
Тој истакна дека нафтата во цевководот на украинска територија е сопственост на рафинеријата „Словнафт“. Изрази сомнеж дека руската нафта не тече низ цевководот „Дружба“ до Унгарија и Словачка „од политички причини“.
„Апсолутно можам да замислам дека претседателот Зеленски донел друга одлука (како со гасот). Нашите разузнавачки извештаи покажуваат дека оштетениот дел од цевководот што го посочи украинската влада е поправен и дека руската нафта може да продолжи да тече кон Словачка и пошироко без никакви проблеми“, рече тој, наведувајќи дека го гледа ова во контекст на унгарските избори.
„Ова е огромен притисок врз Виктор Орбан, бидејќи ја знаеме јасната позиција на унгарската Ввлада за можното членство на Украина во Европската Унија“, тврди тој.






