Филипче – Бертолини: Со 4 милиони евра од ЕУ се обезбедува опрема во здравството

Министерот за здравство Венко Филипче вчера се сретна со Никола Бертолини, шеф на секторот за Програми за финансиска поддршка при Делегација на Европската Унија во Скопје.

На средбата, како што соопшти Министерството за здравство, се разговараше за десет-годишната стратегија за развој на здравството со поддршка на ЕУ.

– Го финализираме стратешкиот документ – 10 годишната стратегија за развој на здравството, со поддршка на Европската унија. Со ова, ќе овозможиме унапредување на здравствената заштита, поголемо вложување и стабилен здравствен сектор. Во тек е и финализирање на подготвоките за ИПА 3 програмата во секторот здравство. Станува збор за акциски документ преку кој ќе се реализираат проекти, активности во областите, унапредување на здравјето на мајки и деца, електронско здравство, како и подобрување на превенција и контрола на незаразни болести, истакна Филипче.

Со помош на ЕУ, додаваат од Министерството, се реализира проект за јакнење на здравствениот систем и брз одговор на заразни болести ковид-19 преку кој ќе се обезбеди опрема во вредност од околу четири милиони евра.

– Во изминатите месеци со справувањето со коронавирусот, здравствените установи од Унијата добија 20 механички вентилатори, 20 монитори за интензивна нега, 626 сета за 31.300 тестови и близу 40 илјади парчиња разна медицинска опрема, 30 илјади заштитни маски за лице, сто илјади хируршки маски, 750 илјади хируршки ракавици, 20 илјади заштитни очила, како кислородни маски, филтри, катетри и други неопходни материјали за потребите на здравствениот сектор, се наведува во соопштението.

Министерот Филипче се заблагодарил за целокупната поддршка која ЕУ и ја дава на државата низ годините, особено во изминативе месеци со справувањето со пандемијата Ковид-19.

Back to top button
Close