Филипче: Ќе направам се да не дозволам било кој од јавно здравственот систем да замине поради проблем што може да се изменаџира
Ваква криза на површина вади многу проблеми и ние со тоа се соочивме уште на нејзиниот почеток во однос на недостигот на кадар, понатаму нивните примања и се покажа и се докажа дека сме ги правеле вистинските инвестиции. Прво зголемувањата на платата, конкретно на медицинските сестри со средно и високо школо, од 19.000 денари односно 25.000 денари на 24.000 денари односно 33.000 денари, што е зголемување за 30 проценти односно речиси 50 проценти, а и огромниот број медицински сестри кои беа примени во целиот овој изминат период.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека свесен е дека сите медицински сестри работат под притисок, дека дел од нив навистина се исцрпени, дека многу често дежураат и по 24 часа неколкупати во неделата и дека една таква стресна ситуација доведува некогаш и до немили ситуации во кои има комуникација со повишен тон меѓу нивните колеги и колешките.
– Јас ќе направам сѐ да не дозволам било кој од јавно здравственот систем да замине поради проблем што може да се изменаџира. И изутрината верувам дека најдовме заеднички јазик, се сложија трите искусни медицински сестри од Инфективната клиника дека ќе го искористат одморот, а после тоа ќе се договориме за начинот на кој ќе бидат вклучени во процесот борба против Ковид-19. Направивме една анализа, никој не ја напуштил Клиниката од почетокот на кризата. Ова се први најави. Верувам дека ќе најдеме начин да ги изменаџираме, посочи Филипче.
Во врска со ставот на Унијата на здруженијата на медицински сестри, техничари и акушери дека тоа што се случи на Инфективна клиника со поднесувањето барање за отказ од работа на трите медицински сестри го рефлектира проблемот со кој се соочуваат медицинските сестри Филипче рече дека не се сложува дека тие се деградирани.
– Всушност нашите инвестиции тоа го демантираат. Свесни колку се битни во нашиот систем помогнавме во формирање за првпат во нашата земја на Комората на медицински сестри која почна со активности да се направи регистар, а после тоа и лиценцирање на сите медицински сестри кои работат во нашата земја. Помогнавме и со опремување на тие простории. За жал тоа што се случи на крајот на минатата година и активностите спласнаа сега со кризата, додаде Филипче.