Филипче: Епидемиолошката слика во земјава е добра и нема простор за загриженост

Министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5 рече дека епидемиолошката слика во земјава е добра и нема простор за загрижување кај граѓаните и воедно дека нема ризик за организирање на семејни прослави и културни настани во текот на ова лето.

– Засега треба да сме спокојни. Заради тоа се и попуштањата на мерките. Но, треба да бидеме претпазливи, бидејќи овој вирус е непредвидлив. Будно ја следиме состојбата. Важно е дека и покрај тоа што има одредени бранови во некои земји, нема смртни случаи. Вакцината штити од тешка форма на болеста и смрт. Ако продолжиме со ова темпо, полицискиот час ќе се укине, а се очекува да имаме концерти ова лето, семејни прослави. Нема ризик за организирање на такво нешто, кажа министерот Филипче.

Тој очекува на почетокот на септември да биде вакцинирано 60 отсто од населението, што е сосема доволно да имаме одреден имунитет.

– Треба да се вакцинираат 1.200.000 лица. Кај нас се вакцинирани 50 отсто од оние кои се над 70 години, а 42 проценти од лицата над 65 години. И така беше предвидено во Националната стратегија за имунизација. Во овој момент, за вакцинација чекаат уште 180.000 граѓани. Од нив, 40 отсто се над 60 години и тие ќе бидат први вакцинирани, изјави Филипче.

Тој соопшти дека од утре ќе бидат дистрибуирани 30.000 вакцини од „Синовак“ добиени од Турција, а в понделеник стигнува новата количина на „Фајзер“.

– До крајот на следната недела, очекуваме да пристигнат 500.000 вакцини од „Синовак“. Со овие дози ќе се вакцинираат сите што чекаат и така бројот ва вакцинирани ќе достигне 430.000, што е околу една третитна од тие што треба да се вакцинираат. И тоа ни дава за право, да кажеме дека до крајот на летото, некаде почетокот на септември околу 60 отсто да бидат вакцинирани, што е сосема доволно да кажеме дека има одреден степен на имунитет, нагласи Филипче.

Во однос на тоа дали протерувањето на рускиот дипломат ќе придонесе да не стигнат нови количини на „Спутник“, Филипче рече дека Владата има одлична комуникација со рускиот амбасадор. Доцнењето на руските вакцини го гледа во тоа што Русија е зафатена со вакцинирање на своето население. Тој се надева дека вакцината „Спутник“, од 15 јуни, ќе може да ја добиеме од Србија.

Филипче, меѓудругото рече дека со опозицијата немаат никаква соработка за време на пандемијата и оти таа само опструира. Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ постојано критикува, но не нуди решенија.

За обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека новиот Клинички центар, кој ќе чини над 500 милиони евра, ќе биде четирипати поскап од оној во Белград, Филипче рече дека не може двете работи да се споредуваат оти белградскиот само се реновира и доградува, а оној кој го предлага Владата е комплетно нова зграда. ир/сп/

2021-06-10 20:58:35, од Ирена Радовановиќ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close