Филипче и Славјанка предремаа седумгодишна брутална злоупотреба од ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката Славјанка Петровска утринава, а пратеникот Венко Филипче попладнево, реагираа на синоќешното гласање за Законот за реорганизација кој се изгласа со поддршка на одредени пратеници на „Европскиот фронт“. По нивните реакции, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека тие двјаца ја преспале седумгодишната брутална злоупотреба од ДУИ, а сега како кандидати за претседателското столче во како што велат пропаднатата СДСМ, се разбудиле и реагираат зошто ДУИ го поддржала законот за Влада во која нема да учествуваат.

„Од партијата која на тацна ја даде Македонија кога ги силуваа институциите и ограбуваа не кажаа ниту збор. И кога секогаш ќе поддржеа нешто од СДС, овие испорачуваа плус 10 пати повеќе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека е јасно дека Филипче се бори да стане претседател на СДСМ затоа што на тој начин би се спасил од одговорност, додека пак за Петровска, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека била безлична личност во македонската политика.

„Во нормална држава Филипче би се срамел од дома да излезе. Jасно е дека се тепа да стане претседател на СДС зашто мисли дека тоа ќе го спаси од одговорност зашто тој и неговиот духовен водач Зоран Заев така функционирале.Што се однесува до Славјанка, немаме што да кажеме освен дека е безлична личност во македонската политика. Дури и на ниво на декор е безлична и без никаква суштина. Како оние празни вазни во трговски центри кои ги гледаме дека се тука внимаваме да не се удриме во нив, а кога ќе се запрашаме што бараат тука, сфаќаме дека немале кај да ги стават и оставени се така празни“,реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, во партиското соопштение се вели дека Македонија не заборава и дека ВМРО-ДПМНЕ го исполнила своето прво ветување со тоа што ги испратила ДУИ во опозиција заедно со нивните „потрчковци“ СДСМ.

Претходно денеска, Филипче напиша дека партијата ВМРО-ДПМНЕ ја изневерила довербата која им била дадена од граѓаните, но и дека кампањата која тие долго време ја водеа против Демократската унија за интеграции се претворила во „дил“ за гласање додавајќи дека цената за тоа допрва ќе се види.

„Ветувањето за помала администрација се претвори во плус четири министерства, без никаква оправданост или дебата. Целта е повторно дил за поделба на власта. Ветувањето за намалување на задолженоста се претвори во најава за земање кредит од милијарда евра. Допрва ќе видиме и зад ова каков дил се крие. Ветувањето за подобри договори во меѓународната политика се претвори во отворање на веќе затворени проблеми и прашања. Едноставно катастрофа“,напиша Филипче.

Утринава, на социјалните мрежи се огласи и ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, која ја прозва ВМРО-ДПМНЕ по синоќешното гласање на законските измени за реорганизација на министерствата посочувајќи дека токму партијата која победи на изборите, за само десет дена, три пати ги погазила зборот.

Back to top button
Close