Филипче: Измените на Законот за јавни набавки е чекор назад
Експертски организации кои сериозно се занимаваат со борбата против корупцијата и јавните набавки како еден сегмент преку кој се оставарува корупција, го споделија ставот дека измените на законот за јавни набавки навистина се чекор назад и предложеното решение треба да се повлече од собраниска процедура
Претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче во говор во Собрание искажа став во врска со предложените измени на Законот за јавни набавки, што може да се оцени како вистина:
Предложените измени на Законот за јавни набавки се несоодветни и се чекор назад, бидејќи со нив се елиминира контролата на Бирото за јавни набавки и на составот на комисијата, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во денешното обраќање како претседател на Националниот совет за европска интеграција на Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија, што се одржа во Собранието.
[Извор : СДСМ – Филипче/говор – датум: 11.12.2024]
Образложение: Тврдењето на Филипче дека измените на Законот за јавни набавки е чекор назад е вистина, бидејќи е потврдено истовремено и од експерти што се занимават со овие прашања.
Станува збор за предложени законски измени на 5-ти декември од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, кои бараат законски измени по скратена постапка.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара вчера веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки.
Предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога, според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители, корупцијата во јавните набавки е широко распространета. Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции, се наведува во аргументите од Платформата на граѓански организации.
Оттаму наведуваат дека „дополнително, иако еднаш веќе беше повлечен предлогот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации“.
И од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), експертска невладина организација која се занимава со следење и анализирање на јавните набавки, изразија спротивставување на овие законски измени. Според она што го пренесоа дел од медиумите од ЦГК реагираат на следното:
Се укинува управната контрола на постапките за јавни набавки што ја правеше Бирото за јавни набавки (БЈН), која досега покажа успех и спречи доста сомнителни набавки да се случат, но требаше да се засили, а не да се укине. Се враќа на мала врата некогашното зло – Советот за јавни набавки, само што сега тендерските документации ќе ги ‘проверува’ Бирото за јавни набавки, што е централизирана контрола во децентрализиран систем на набавки. Во услови кога водиме во светот според бројот на поништени постапки, се додаваат две нови можности, на постојните седум, за поништување на тендерите. За двајца се зголемува бројот на членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН), од пет на седуммина, а наместо потврда за познавање странски јазик се бара само ‘активно да познава’, односно сам/а да си каже дека познава некој јазик. Член на ДКЖЈН ќе може да се смени и ако ‘незаконски или нестручно ја обавува својата должност’, ама не пишува кој ќе го оцени тоа. Со сила на закон се менуваат членовите на Државната комисија за жалби додека им трае мандатот, а тоа е независна комисија, велат од невладината организација Центар за граѓански комуникации (ЦГК) за предложените законски измени.
Бидејќи станува збор за релевантни експертски ставови, тогаш може да се оцени дека изјавата на Филипче за тоа дека предложените измени на Законот за јавни набавки е чекор назад, е вистина.
Извори:
(11.12.2024) СДСМ – Филипче/говор – [Проверено на 12.12.2024]
(12.12.2024) СДК – Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ предложија… – [Проверено на 12.12.2024]
(12.12.2024) РСЕ – Граѓанските организации бараат….– [Проверено на 12.12.2024]
(11.12.2024) Платформа на граѓанските организации…Соопштение– [Проверено на 12.12.2024]
Оцени: Теофил Блажевски
извор: Вистиномер