Филипче: Конструктивни сме кога е во интерес државата, в понеделник ќе понудам конкретни точки за лидерска средба
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека во понеделник, на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава во Собранието, ќе предложи конкретна агенда составена од најважните точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, за кои најголемите политички партии треба да разговараат на лидерска средба.
„Јасни се пораките од ЕУ. Сите укажуваат дека патот по кој треба да се движиме е јасен. Додека чекаме и не правиме ништо, сè што се случува е само губење на време. Младите тоа го гледаат и го доживуваат како дополнителен стимул за побрзо иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа својата иднина во Македонија ако не направиме ништо за да го откочиме евроинтегративниот процес и заеднички да работиме на унапредување на многу сфери во нашата земја, што ќе го направи животот подобар и поквалитетен“, истакна Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Филипче потсети дека тој и Социјалдемократскиот сојуз често се иницијатори на заеднички средби и разговори за теми од национален интерес, за кои е потребен национален консензус.
„Многу пати иницираме и работа на конкретни теми. Инициравме заеднички средби за реформската агенда и за постигнување консензус околу тие прашања“, рече Филипче.
Сепак, и покрај конструктивниот пристап и учеството во работните групи за клучни закони – како што е Законот за енергетика – Филипче смета дека Владата во последен момент поднела амандмани спротивни на европските стандарди.
„За жал, добро започна работата со Законот за енергетика, но во последен момент Владата даде амандмани кои се целосно спротивни на вредностите што ги промовира Европската Унија. Со тие амандмани, во регулаторните тела ќе влегуваат лица кои претходно работеле во индустрии што биле под надлежност на истите регулаторни тела. Тоа не постои никаде во Европа“, оцени Филипче.
Претседателот на СДСМ очекува продолжување на работата на реформската агенда, особено во делот на правосудството. Тој нагласи дека експертите номинирани од СДСМ ги дале своите мислења за предложените закони, но досега не добиле никаков одговор. Сепак, тој повтори дека СДСМ останува подготвен да работи заеднички за доброто и напредокот на државата.
Во однос на кредитите од Велика Британија, Филипче вели дека логични и легитимни се нашите прашања за Договорот со Велика Британија.
Ниту ние ниту јавноста не знае ништо за тој договор, ниту кој е рокот, ниту колкава ќе биде каматата, изјави денеска од Охрид претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање.
„Министерката за финансии нема одговор на овие прашања. Тоа е еднакво неодговорно и ако не знае, и ако ги крие информациите. Тоа не доликува на некој што треба да ја чува државната каса“, рече Филипче.
Пресметките на СДСМ покажуваат дека со вакво задолжување сериозно ќе се оптовари јавниот долг и ќе се стави товар на грбот на неколку идни генерации, додаде тој.
„Практично оваа влада воведува данок на иднината а под хипотека се ставаат неколку идни генерации“ рече претседателот Венко Филипче, повикувајќи на итна и целосна транспaрeнтност.