Филипче: Македонскиот јазик е нашиот идентитет и никој не може да ни го одземе
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вечерва учествуваше на трибината „Јазикот наш единствен е“, организирана од Форумот на жени на СДСМ, а по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Филипче, како што соопшти СДСМ, на трибината порачал дека македонскиот јазик е нашиот идентитет, и тоа никој не може да го оспори и одземе.
– Ние, но и следните генерации имаме обврска да го чуваме и да го негуваме македонскиот јазик, поради тоа што тоа е нашиот глас во светот. Тоа никој нас не може да ни го оспори, не може да ни го одземе, ниту јазикот, ниту идентитетот“, вели Филипче.
Тој посочил дека „во периодот на владата на СДСМ, се донесени државнички одлуки за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Денес, македонскиот јазик е рамноправен јазик со сите јазици во светот, признаен од Обединетите Нации и афирмиран во Европската Унија“.
– Нашата Влада успеа да го донесе македонскиот јазик и во европското законодавство. За првпат на македонски јазик е потпишан еден договор во владата на премиерот Димитар Ковачевски, тоа е договорот со ФРОНТЕКС, на чист македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички, потврден од цела Европа. И тоа не е мала работа, тоа е голема победа, колку и да сакаат политичките опоненти од навистина неразбирливи причини да прикажат дека тоа не е така, истакнал Филипче.
Тој нагласил дека токму владата на СДСМ во 2019 година донела одлука 5 Мај да биде Ден на македонскиот јазик.
– Мене ми е чест што бев дел од владата на СДСМ, којашто со своите државнички политики, посветеност и ентузијазам, практично ги исполни заложбите за заштита и утврдување на македонскиот јазик. Во 2019 година владата донесе историска одлука 5 Мај да стане Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога тогашниот Президиум на АСНОМ ја усвоил одлуката за македонската азбука да биде официјално писмо. Претходно, на второто заседание на АСНОМ е донесена одлука македонскиот јазик да биде официјалниот јазик, а после неколку дена од оваа одлука, на 5 мај е донесена и одлука за македонскиот правопис, истакнал претседателот на СДСМ, Венко Филипче.са/лв/