Филипче: На денот на изборите ќе биде безбедно да се гласа-строгиот протокол и неговата имплементација се наша должност и одговорност

Министерот за здравство Венко Филипче во денешното видео обраќање истакна дека во изминатите четири месеци тој и неговите колеги во Комисијата за заразни болести се целосно посветени да обезбедат препораки, закони и протоколи со кои ќе се спречи ширењето на коронавирусот.

– Протоколите кои досега ги подготвивме за повторно отворање на бизнисите и нормализирање на животот по нови правила, се покажаа многу ефикасни. Се докажа дека со почитување на овие протоколи за лична заштита од коронавирусот, целосно е безбедно да се пазари во маркет, да се оди на работа или да се користи јавниот превоз. Тоа е едноставно нашата нова реалност и нов начин на живот, посочува министерот Филипче.

Идната седмица, истакнува Филипче, се одржуваат предвремените парламентарни избори.

– Министерството за здравство, во соработка со другите институции, изготви сигурен и ефикасен протокол за заштита на здравјето на граѓаните при гласање. Сакам од мое лично име и од името на комисијата, да ве уверам дека на денот на изборите ќе биде сосема безбедно да се гласа и со тоа да го остварите вашето граѓанско право. Гласањето нема да биде помалку безбедно од било која друга нормална активност која ја вршиме секојдневно, како одењето во маркет. Строгиот протокол и негова целосна имплементација се наша должност и одговорност, и се обврзуваме на граѓаните да им обезбедиме сигурна средина во која ќе може да гласаат, нагласува министерот Филипче.

Back to top button
Close