Филипче: На дното сме во регионот – граѓаните можат да купат најмалку гориво со своите плати
11.09.2026 16:30
573 Читање помалку од 1м
Граѓаните во Македонија се на дното во регионот според горивото што може да го купат со своите примања, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче потенцираше дека и покрај тоа што власта се фали со наводно најевтино гориво, нискиот животен стандард значи дека граѓаните можат да си дозволат најмалку литри гориво со своите плати.
„Растат цените на горивата, ние сме една од земјите во регионот во којашто со просечна или минимална плата може да се купи најмала количина, најмалку литри на гориво. Иако власта сака да се пофали дека имаме наводно најевтино гориво, толку е низок стандардот што и тоа наводно најевтино гориво не можат граѓаните да си го купат. На дното сме на земјите во регионот по количина на гориво којашто граѓаните можат да ја купат со примањето. Ете, тука не доведе оваа власт. На просјачки стап.”, обвини Филипче.
Филипче посочи дека цената на горивата од почетокот на годината е зголемена за 50 отсто, што дополнително влијае врз животниот стандард на граѓаните.
„Сметаме дека во оваа ситуација, на криза, на огромна цена на горивата, практично над 100 денари за литар гориво, за 50% зголемување на цената на горивата од почетокот на оваа година, што повлече спирала на поскапување на сите продукти, најмногу на прехранбените продукти, што ја зголеми вредноста на потрошувачката кошничка.”, рече Филипче.





