Филипче: Не се оптоварувам дали ќе ме опфати реконструкцијата на Владата
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека не се оптоварува со тоа дали ќе тој ќе биде меѓу министрите што евентуално ќе бидат сменети во наредниот период, откако вчера вицепремиерот Фатмир Битиќи најави нова Влада предводена од Зоран Заев, но со шест-седум нови министри.
„Треба да работи и да остане да работи тој што се пронаоѓа себе си во министерската работа без разлика за кој ресор е, тој кој покажал резултати… А, евидентни се критериумите за успех во работата итн. И тоа го прави премиерот, така што не се оптеретувам со тој дел, сепак, сме фокусирани во овој дел што значи менаџирање на пандемијата – одговори Филипче на прашањето дали очекува тој да се најде во реконструкцијата на Владата.
Битиќи вчера реконструкцијата ја најави во гостувањето на „Утрински брифинг“ велејќи дека наскоро ќе добиеме влада „Заев три“.
„Во нашето општество скоро е невозможно да имате премиер различен од претседател на носечката партија освен ако нема техничка или експертска влада. Сега следува консолидација на партијата и понатаму нов мандатар за нова влада. Сметам дека наскоро ќе добиеме ’Заев три влада‘, повторно предводена од Заев со тоа што ќе се сменат шест-седум министри. Мислам дека тој ни треба за да продолжат некои процеси“,
рече Битиќи кои е и потпретседател на СДСМ.