Филипче: Нема да ги поддржиме законските измени за „Безбеден град“
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, повтори дека пратеничката група на социјалдемократите во Собранието нема да го поддржи предлог-законот за прекршоци кој е потребен за да системот „Безбеден град“ да може да профункционира. Филипче вели дека СДСМ не е против безбедноста во сообраќајот, а тоа го докажува фактот што партијата го започнала системот „Безбеден град“.

„Но, не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Освен што сме за безбедност во сообраќајот ние сме и за безбедност на податоците – нешто што повторно власта ниту го коментира ниту се обидува да го регулира. Еве, седнаа на маса на лидерската средба, се договорија, видовме, ќе видиме што ќе биде резултат друг од тој пазар. Ние сме конструктивна опозиција, но не сме контролирана опозиција“изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Посочи дека неговата партија нема да дозволи да поддржи закон во кој, како што рече, сериозни аспекти како огромната база на податоци не се регулирани и кои никој во законот не укажува како ќе се контролираат.
Претходно вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изрази жалење што СДСМ нема да го поддржи проектот „Безбеден град“, оценувајќи дека безбедноста на граѓаните во сообраќајот и заштитата на човечките животи треба да биде приоритет на сите политички партии во земјава.






