Филипче: Немаме потреба да нарачуваме вакцини од српски „Торлак“

Македонските власти нема да нарачуваат вакцини од српскиот Институт „Торлак“ кој почна со производство на вакцината „Спутник В“. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека засега нема потреба од нови нарачки, бидејќи имало обезбедено доволно количини. „Торлак“ е единствената фабрика за фармација во регионот која што има можности за стерилно производство, објасни Филипче, кој додаде дека имал состанок со директорката на институтот, каде било посочено дека приоритет ќе бидат граѓаните во Србија , но дека има можноста за соработка и со земјите од регионот.

„Нас во овој момент не ни треба ниту една нарачка повеќе затоа што по планот како што е димензиониран сите договори, ние имаме обезбедено 2,6 милиони вакцини.“

рече министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче најави дека на 28 април се очекува и најголемата пратка вакцини досега од 200 илјади кинески вакцини, а повтори и дека до крајот на месецот ќе стигнат и 20 илјади дози од компанијата „Фајзер“. За денеска Филипче закажал и состанок со градоначалниците на повеќе градови каде се планира масовна вакцинација, во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово.

„Согласно расположливоста со вакцините, сега како што е поставен системот, може да се постигне за многу кратко време, веднаш кога ќе дојдат вакцините на распологање, динамика од 7-10 илјади вакцинации на ден“

изјави Филипче.
Минитсерот посочи и дека после тој мини-пик од пред неколку дена ,денеска има намалување на бројот новодијагностицирани од корона вирусот ,со нешто под 900 лица, а за продолжување или укинување на рестриктивните мерки проценка ќе се прави за време на викендот и почетокот на идната недела.

Back to top button
Close