Филипче: Обидот да се етикетира гневот на народот како „опозициски“ е отсуство на емпатија и бегање од проблемите
Обидот да се етикетира гневот на народот дека опозицијата ги организира протестите е навреда на луѓето што протестираат, власта покажува целосно отсуство на емпатија кон сопствениот народ и наместо да бара решенија ја сведува јавната болка на политички пазар, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче во објава на Фејсбук.
„Гледам како провладини профили водат наратив дека опозицијата ги организира протестите. Со ова не само што ги навредуваат луѓето што протестираат, туку и покажуваат целосно отсуство на емпатија кон сопствениот народ. Наместо да преземат одговорност и да бараат решенија, тие повторно бегаат од вистинските проблеми и ја сведуваат јавната болка на политички пазар.
Трагедијата треба да ја обедини нацијата во жалост и барање одговорност – не да се сведува на политичка пресметка. Обидот да се етикетира гневот на граѓаните како „опозициски организиран“ е само очајничка стратегија за да се одвлече вниманието од системските пропусти. Влада што се плаши од гласот на сопствениот народ веќе признава дека потфрлила.
Историјата е сведок дека секоја власт што не ги слушала граѓаните, на крајот била казнувана.“ наведува Филипче.