Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ


Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета на Париз, остварил повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите биле реформската агенда и предлог-резолуцијата на СДСМ како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.

Како што информира СДСМ, Филипче имал работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.

-На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите. Претседателот Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка. Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора, се наведува во соопштението на СДСМ.

Средбите со француските претставници, додава СДСМ, се во функција на јакнење на поддршката за Македонија и промоција на Резолуцијата „што СДСМ ја подготвува како вин-вин решение за државата и граѓаните“.

Фото: Социјалдемократски сојуз на Македонија

Back to top button
Close