Филипче од Струга: Да се избориме за достоинствен живот на граѓаните, државата со ВМРО-ДПМНЕ нема иднина
Нашиот дом не е само куќата во која живееме. Нашиот дом е нашата улица, нашето маало, нашиот град, нашата Македонија. И кога велиме, се бориме за нашиот дом, тоа значи дека се бориме за достоинствен живот за секој граѓанин, за секое семејство, за секое дете. Нашата сила е во единството и заедно можеме да направиме промени. Денес повеќе од било кога, иднината е во рацете на граѓаните, истакна од вечерашната трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Струга лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Од мултиетничка Струга, посочи дека богатството на Македонија е во соживотот и оти Струга е вистински пример за тоа. Барајќи ја довербата од стружани, град во кој немаат кандидат за градоначалник, својот глас на локалните избори на 19 октомври да го дадат за советничката листа на СДСМ, предводена од Димче Шипинкаровски, им порача дека е потребно да се изборат за држава заеднички дом за сите, а не нечија сопственост.
Во своето обраќање се осврна на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека, според него, државата со нив нема иднина. Говореше и за економски проблеми, посочувајќи дека сегашната власт не исполнила ниту едно ветување за подобрување на економијата и на животниот стандард на граѓаните. Оти ветувале повисоки плати и пензии, повеќе вработувања, но дека животот на граѓаните е претворен во секојдневни калкулации како да го преживеат месецот.
– Инфлацијата ја јаде куповната моќ на граѓаните, а барањата за минимална плата од 500 евра остануваат неисполнети. Само за Мицкоски платите биле доволно високи. Регионот веќе оди напред, државите преземаат мерки за да си ги заштитат граѓаните. Албанија најави минимална плата од 520 евра, ние останавме на 400 евра, рече Филипче.
Според него, економските параметри поради лошите политики на власта се негативни, а забележа и дека странските инвестиции биле преполовени.
– Статистиката регистрира пад на индустриското производство, за 2,6% е намален бројот на вработени во индустријата. Сето ова е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ ја доведе економијата до колапс, што е далеку од нивните ветувања. Со ВМРО-ДПМНЕ и на локално и на централно ниво, државата нема иднина. СДСМ имаше седум години власт, од кои скоро секоја година беше некаква криза, КОВИД, енергетска, финансиска, и во сите тие кризи покажавме со конкретни дела и чекори како се штитат граѓаните, истакна Филипче осврнувајќи се и на антикризните мерки.
Носителот на советничката листата во Струга, Димче Шипинкаровски вети решавање на проблемите со кои се соочуваат неговите сограѓани, како што е недостигот од вода за пиење и дивата депонија во градот, но и изградбата на колекторски систем кај селото Радожда.
– Од страна на Општина Струга и вработените информиран сум дека е потпишан договор во вредност од милион ипол евра и се врши промена на старите азбесни цевки со нови согласно стандардите. Проектот е поддржан од ЕУ преку прогрмата на МЖСП, програма од 2023 година додека бервме ние на власт, рече Шипинкаровски.
Младите за да останат да живеат во Струга, подвлече, треба да живеат во убава, урбана и чиста средина, да имаат питка вода, чист воздух и пријатно место за живеење.
– Оваа порака младите ја пренесоа, а е наш завет, кој треба да го исполниме и да го продолжиме патот кој што го трасираше секој пат државотворната СДСМ, истакна Шипинкаровски.