Филипче: Поддршка за Стојан Николов за да продолжи напредокот во Росоман со над 45 реализирани проекти
„Росоман е пример дека кога локалната
власт работи со срце, резултатите се гледаат“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче на граѓанската трибина во Росоман „Се бориме за нашиот дом“, стои во соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кое МИА го пренесува интегрално.
Филипче нагласи дека градоначалникот Стојан Николов за овие години покажа што значи вистинско водење на општината во интерес на граѓаните:
„Над 45 проекти се завршени комплетно, многу улици, плоштад, ново улично осветлување, детски игралишта, водоводи, канализации, покриен пазар, доградба на детската градинка, парк. Стојан Николов ја врати довербата во институцијата што треба да биде најблиску до човекот.“
Тој порача дека Росоман е доказ дека со план, со програма и со луѓе што ја сакаат општината, може да се создаде средина во која се живее подобро.
„Вашата поддршка за Стојан Николов е глас за да продолжи напредокот на Росоман, да не им го оставиме на оние кои ја гледаат општината како плен. Таа ваша поддршка не е само за еден човек, туку за идејата дека политиката може да биде чесна, фер и посветена на граѓаните“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека овие локални избори не се обични избори туку на нив се одлучува и како ќе продолжи Македонија понатаму.
Борбата што ја води СДСМ е борба за Македонија, нашиот дом, но и секој човек, секој земјоделец, за секој работник, за младите.
„Се бориме за земја што ќе го вреднува трудот. Се бориме за фер цена, за навремена исплата, за сигурен откуп. Се бориме за работниците, за минимална плата над 500 евра, за држава во која секој ќе може да живее достоинствено од она што го создава. Се бориме за младите да не се иселуваат, тука да ја гледаат својата иднина.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ повика на масовна излезност на изборите на 19 октомври и побара поддршка за кандидатите на СДСМ и коалицијата.
„Ве повикувам, заедно, обединети, сложни, на 19 октомври, сите да ја покажеме нашата сила. Да го заокружиме бројот 5, бројот на чесната политика, бројот на трудот и на вистинската грижа. Да покажеме дека Македонија може да биде дом на достоинството и почит.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.