Филипче:Политиките треба да се креираат преку реалните потреби на граѓаните

Политиките треба да се креираат преку реалните потреби на граѓаните, треба да се слушне гласот на граѓаните, а потоа да се донесат потребните решенија, ова го истакна министерот за здравство д-р Венко Филипче на денешната панел дискусија на тема „Здравствени услуги по мерка на ранливите граѓани – како да се подобри системот врз основа на досегашното искуство”. На панел дискусијата учествуваа претставници на граѓанските ораганизации „Заедно послини”, ХЕРА, од здружението ЕСЕ, како и д-р Милена Стевановиќ, директор на КИБФС.

-Во рамките на  Министерството за здравство со години наназад постои програмата за превенција од ХИВ и во последните 2-3 години таа е финасирана од буџетот на Министерството. Целта на настанот е да поразговараме и да ги споделиме искуствата од соработката до сега, но посебно на начин на којшто оваа соработка со граѓанските организации може да ја унапредиме пред се што ќе ги направиме препознатливи во Законот за здравствена заштита како даватели на дел од здравстевните услуги за што имаат знаење и експертиза. Со тоа ќе се унапреди соработката имајќи го предвид одличниот модел кој се покажа многу ефикасен за време на ковид периодот кога многу здравствени установи беа целосно посветени на третман на пациенти со ковид и се искористи и знаењето, и искуството, и пристапот на граѓанските организации посебно во делот на ранливи категории на граѓани помеѓу другото и за превенција, и за здравствени совети во делот на ковидот. Сметам дека ова е одличен модел, пред нас имаме временски период во кој ќе работиме на измена на Законот за здравствена заштита се со цел здравствените услуги да ги приближиме што повеќе до граѓаните – изјави министерот Филипче.
Изминатата година во текот на панедемијата, за 10.000 граѓани од ранливите категории беше обезбедена целата возможна поддршка околу превенцијата и информациите во однос на заштитата од Ковид 19.
Андреј Сених, од здружение „Заедно посилни” посочи дека програмите за заштита од ХИВ, се уникатен пример во земјава, во кои се опфатени поширок спектар на услуги од здравствен карактер.
– Програмата за заштита на населенето од ХИВ е уникатен успешен пример во нашата земја на тесна соработка помеѓу институциите и на граѓанскиот сектор во испорачување на конкретни есенцијални услуги во кои се опфаќаат околу 10.000 ранливи граѓани. Покрај услугите за превенција на ХИВ овие програми опфаќаат еден поширок спектар на услуги од здравствен аспект – како услугите за сексуално и репродуктивно здравје и гинеколошки услуги кои опфаќаат и жени во рурални средини и во средини каде што има недостаток на капацитети за овој вид на здравствена грижа – рече Сених.
Министерот Филипче, посочи дека, тоа што во време на кризата со Ковид 19 овие програми добро функционираат, е показател дека системот е навистина добар корисен  и ефикасен.

-Ниту во еден момент немавме проблем со извршување, реализација на програмите, во ниту еден момент немаше проблем со кој било од корисниците. Сите потреби беа целосно задоволени што самото по себе укажува дека моделот треба да се унапреди, бидејќи не треба да застанеме само на превентивните ХИВ програми, истакна Филипче.

Back to top button
Close