Филипче:Потребни се промени, локалните избори се шанса да се испрати пораката


Сите изборни ветувања на ВМРО ДПМНЕ се покажаа како лага, и на централно и на локално ниво – нема никаква разлика, изјави претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија,Венко Филипче, во општина Гази Баба.

Филипче потенцираше дека се потребни промени, а тоа може да се постигне преку локалните избори, додавајќи дека жителите на општина Гази Баба заслужуваат локална самоуправа што ќе ги слуша нивните потреби и ќе реализира проекти за подобар живот и развој на општината.

„Потребни се промени, локалните избори се шанса да се испрати пораката дека граѓаните сакаат подобро, сакаат подобра Гази Баба. СДСМ на овие избори излегува со чесна понуда, остварливи програми и компетентни луѓе со интегритет“, рече Филипче.

Во изјавата, Филипче додаде дека кандидатот за градоначалник од СДСМ за општина Гази Баба, Влатко Митовски, има реални и издржани проекти кои се одговор на потребите на жителите на оваа општина.

„Влатко Митовски пред граѓаните излегува со издржани решенија во програмата, за надминување на проблемот со кучињата скитници, за нова спортска сала, затворен базен но и субвенции за пазарџиите. Потребите на граѓаните на Гази Баба буквално се преточени во соодветни решенија“, рече Филипче.

На овие локални избори како што кажа Филипче, разликата е јасна – граѓаните ќе бираат помеѓу докажани луѓе кои стојат зад својот збор и луѓе кои бегаат како кукавици при првата криза.

„Не ветуваме лесен пат, но ветуваме борба – борба со главата високо. Време е за мерка во политиката: компетентност и резултати наместо гол ПР, работа наместо парада, ред наместо партиски хајки. Ве повикувам на заедничка борба, за подобра Гази Баба, за вашето семејство, за вашата улица, за вашиот град, за нашиот дом“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Back to top button
Close