Филипче: Проблем е Владата на ВМРО-ДПМНЕ, нејзините тајни разговори и тоа што граѓаните дознаваат информации преку странски медиуми
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред повеќе месеци ја најави опасноста која што не очекува со мигрантите и таа опасност е владата на ВМРО-ДПМНЕ со нејзините тајни преговори, разговори и договори, истакна претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека наместо конкретни и јасни одговори, власта ја нападна СДСМ со црна кампања.
„Кога првпат овие тајни преговори и разговори ги спомнавме, а тоа беше потврдено во пишувањата во странските медиуми, веднаш скокнаа против нас така наречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ. Почнаа со објави дека лажеме, па осмислија цела кампања против мене лично, против други актуелни и поранешни функционери на партијата. Кога тоа не им успеа во следниот период таа кампања само ја засилија”, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче укажа дека скандалозно и недозволиво е тоа што македонските граѓани наместо од владата, информациите ги дознаа од британските медиуми кои излегоа со детални информации за тоа што е разговарано околу прашањето мигрантите од Британија.
„И од овие пишувања на британските медиуми дознаваме за разговорите кои што се воделе за мигрантите, дека треба да бидат интегрирани да бидат присутни на нашиот пазар на трудот, особено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Дури има и детални информации дека Велика Британија ќе и исплаќа на Македонија 20.000 фунти по депортиран мигрант, согласно новиот договор за т.н. повратни центри. И сето ова замислете македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е апсолутно недозволиво, ова е скандал од невидени размери”, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Лидерот на СДСМ прашува „како ние ќе се справиме со мигрантите, кога и развиените земји тешко се справуваат со проблемот“. Филипче тврди дека ЕУ ја менува политиката и ги заострува мерките за мигрантите – полесно отфрлање на барањата за азил, забрзана процедура за депортирање и заедничка листа на безбедни земји на потекло.
-Дали ќе гледаме центри за мигранти насекаде низ државата, во сите општини и градови? Дали ќе дозволиме „патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ да ја претворат Македонија во мека за мигранти? Дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени македонски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ? Сепак се ближат избори. Треба да кажеме одлучно не. Време е да се крене гласот на народот. Ги повикувам граѓаните да не поддржат и да ни помогнат да го спречиме ова антинационално движење, побара Филипче.






