Филипче: Резолуцијата е во финална фаза, ќе имаме вин-вин решение


Македонија е заглавена. Државата тапка во место, додека целиот регион – од Албанија до Црна Гора – забрзано се движи кон Европската Унија. Сè додека Владата бира да не прави ништо, нашите граѓани плаќаат со загубени можности, непочнати реформи и изолирана иднина, рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, за Слободен печат, давајќи остра критика на власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ за системскиот застој на евроинтеграциите и целосниот колапс на реформската агенда.

„Најлошото нешто што може да ѝ се случи на една држава – е ништо да не ѝ се случува. А тоа точно се случува денес. Заглавени сме во место. Европа оди напред, а ние се држиме до удобната позиција на неактивност и изговори“, истакна Филипче.

Потребно е суштинско враќање на државата на европскиот колосек, со неспроведување на реформите губат граѓаните, државата губи милиони евра, додаде тој.

„Сите европски функционери – од Урсула фон дер Лајен до еврокомесарот Оливер Вархеји – се јасни. А ние не само што не правиме чекор напред, туку сме изгубиле и целосна контрола врз домашната реформа. Од сите неопходни закони не е донесен буквално ниту еден. Заради неработењето на Владата, изгубивме 80 милиони евра европска поддршка – пари кои беа наменети токму за реформирање на правосудството. Тоа е срамно и неодговорно“, изјави тој.

Филипче го нарече владеењето на ВМРО-ДПМНЕ „време на изговори и нула резултати“.

„Се сеќавате на ветувањата? Ќе ја вратат преговарачката рамка, ќе ја подобрат позицијата со Бугарија, ќе го вратат името, ќе условуваат со човекови права. Што од тоа се исполни? Апсолутно ништо. Денес ВМРО-ДПМНЕ е конзистентна единствено во една работа – да не направи ништо. А Европа нема да чека“, изјави лидерот на СДСМ.

Претседателот Филипче посочи дека СДСМ веќе работи на предлог-резолуција која ќе вклучи конкретен механизам за заштита на државните позиции во случај на непринципиелни барања во текот на преговорите.

„Граѓаните со право се прашуваат – што ако се повтори нова блокада? Затоа работиме на конкретен предлог, со вклучен временски рок. Решението нема да биде ни наметнато, ни затворено – ќе биде објавено како работна верзија за јавна и политичка дебата, каде сите чинители ќе можат да го дадат својот придонес. Ова не е предизборна игра. Ова е егзистенцијално прашање. Над 70% од граѓаните се за продолжување на патот кон ЕУ. Ако 70% сакаат Европа, нема оправдување за пасивност. Ова не е прашање за дневна политика. Ова е прашање дали ќе бидеме дел од модерна, демократска Европа или ќе останеме заробена држава во чекање.“ рече Филипче.

Во тој контекст лидерот Филипче упати повик до јавноста и сите политички чинители дека не е време за калкулации, туку за храброст и дека нема повеќе простор за чекање.

„Или ќе се приклучиме на европското семејство, или ќе останеме заглавени во маглата на туѓи интереси и внатрешна нефункционалност. Македонија има избор, но времето за одлука е сега.“

Посебно ја потенцираше разочараноста од однесувањето на претседателката Силјановска, за која рече дека ја следи партиската линија на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да застане на страната на националниот интерес.

„Жалам што претседателката, наместо да биде глас на разумот и уставноста, се приклучи на бранењето на неодговорната политика на ВМРО-ДПМНЕ. Немаме ниту еден заеднички став по ова клучно прашање, а не сме имале ниту континуирана комуникација. Но, тоа не ја намалува нашата одговорност да работиме на консензус“, изјави Филипче.

Тој повторно потенцираше дека македонскиот јазик, идентитет и култура веќе се заштитени и формализирани преку меѓународни договори, вклучувајќи го и договорот со ФРОНТЕКС.

„Овие прашања се затворени. Нема ризик, нема опасност. Затоа е време да се соочиме со вистинските предизвици – а тие се неспособната власт, поткопаните институции и нефункционалната администрација“, посочи Филипче во интервјуто за Слободен печат.

Back to top button
Close