Филипче: Се добива впечаток дека некој сака да ја скрие вистината за инцидентот на аеродром

Министерството за внатрешни работи да го истражи случајот и да излезе со детали за инцидентот на скопскиот аеродром, порача лидерот на СДСМ Венко Филипче. Според него различни информации стигнуват од инволвираните страни, што остава впечаток дека институциите се обидуваат да ја сокријат вистината.

„Сметам дека тоа е апсолутно недозволиво затоа што се добива впечаток дека некој сака да ја скрие вистината. Граѓаните тоа не го заслужуваат. Апелираме во што поскоро време МВР да истражи што се случило и вистински со вистински информации да ја информираат јавноста, граѓаните тоа го заслужуваат. Меѓутоа, мене ова не ме изненадува. Вакви дисонантни тонови, вакви различни ставови. Во изминатиот месец повеќе работи се случуваат. Од една страна, премиерот Мицкоски и министерот Николовски една работа кажуваат за пругата кон Бугарија, а министерот Муцунски нешто сосема друго. Премиерот кажува една работа за намалувањето на платите на функционерите, министерката Кочоска најавува дека ќе си оди ако се случи тоа,“рече Филипче.

Претходно и од СДСМ порачаа дека е срамно да има три верзии за настанот, а да отсуствува официјална изјава од МВР. Оттаму додаваат дека Косово го окарактеризира настанот како „дипломатски скандал“, додека јавноста не била удостоена ниту со прес-конференција на МВР за да се разбере што се случило.

Реакција испратија и од ДУИ. Според нив станува збор за скандалозен дипломатски инцидент против претседателката на Косово, Вјоса Османи.

„Ваквиот однос на државата кон секој граѓанин, а особено кон највисоките претставници на државата, а во овој случај нашите сестри и браќа од Косово, е неприфатлив и мора да биде најстрого казнет. Скандалозна е и инволвираноста на шефот на обезбедувањето на нелегитимниот претседател на Собранието Африм Гаши во инцидентот, и продлабочувањето на истиот, без никаква надлежност, без да биде повикан и без право, а тоа гласно говори за мизерната и вазална позиција на нелегитимната албанска застапеност во моноетничката влада“,велат од ДУИ.

На реакцијата од ДУИ возврати министерот за здравство и еден од лидерите на „Вреди“ Арбен Таравари кој посочи дека тие шират лаги и манипулации , а ги нарушуваат и односите меѓу Северна Макеоднија и Косово.

„Министерството за внатрешни работи и државата немаат надлежност за безбедноста на аеродромот, туку тоа е во надлежност на концесионерот, во случајов ТАВ. Според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот. Слично недоразбирање се случи и кога технички премиер беше Талат Џафери. Зошто ДУИ не зборува за тоа? Ја повикуваме ДУИ да одговори дали за време на нивни патувања избегнуваат скенери“,вели Таравари.

Back to top button
Close