Филипче закажа средба со здруженијата кои му испратија предлози за враќањето на работа на хронично болните
Министерството за здравство соопшти дека утре претпладне, министерот за здравство Венко Филипче ќе се сретне со претставници на здруженијата на пациенти „Борка“, „Живот со предизвици“, Национално здружение за мултиплекс склероза, за хронична миелоична леукемија, Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, „Нефрон“, Хепар центар, „Пеперутка“ и Алијанса на пациентски организации – АПО.
На средбата, посочуваат од Министерството, е предвидено да се разговара за предлозите кои ги имаат овие здруженија во врска со препораката на Комисијата на заразни болести за враќање на дел од хронично болните на работа, а во интерес на подобро услогласување на критериумите под кои ќе се спроведува одлуката.
Пред два дена, како што истакнуваат од Министерството, Филипче го образложи и аргументираше предлогот на Комисијата согласно кој, пациентите кои имаат дијагноза хронична болест и тие кои имаат малигни болести треба да се вратат на своите работни места. Тој нагласи дека ова нема да важи за оние пациенти кај кои лекарот специјалист ќе укаже дека има состојба на влошување во рамките на хроничната болест и истата бара некаков акутен третман, а претставува и дополнителен ризик по здравјето на пациентот. Воедно, Филипче информираше дека соодветната проценка за здравствената состојба на пациентот треба да ја направат лекарите специјалисти, врз основа на нивната стручност и експертиза.
-Средбите со здруженијата на пациенти се вообичаена пракса на министерот Филипче, бидејќи овие здруженија се во постојан контакт со пациентите на терен, а истите се во насока на подобра координација. Министерството за здравство останува целосно отворено за сите конструктивни сугестии. За заклучоците од средбата, Министерството ќе информира по завршување на состанокот, стои во соопштението.