Филипче: Ветинг за сите функционери, прогресивен данок и посебно оданочување на екстра профитите
Специјален закон за ветинг за сите актуелни и поранешни функционери, враќање на прогресивниот данок и посебно оданочување на екстра профитите на најголемите компании се дел од Мастер планот на СДСМ, посочи претседателот на партијата Венко Филипче.
Во емисијата „Директно“ на ТВ Телма, Филипче рече дека со предложениот закон за ветинг би биле опфатени сите функционери без исклучок, вклучително и тој самиот, како и поранешни и актуелни функционери од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во процесот, како што посочи, би биле вклучени и странски експерти, а би се проверувало и потеклото на имотот.
Филипче најави и проверка на имотот на најголемите компании кои, како што рече, во изминатите повеќе од 10 години работеле со државата и оствариле екстра профити.
-Проверка и потекло на имотот на најголемите компании, кои изминатите повеќе од 10 години работеа, создаваа и остварува екстра профити, се посебни членови во законот, за екстра оданочување на профитите, затоа што тие компании работеа, целосно според закон, а остварија екстра профит. И овие мултимилионери на сметка на државата, ќе се вратат парите во буџетот – рече Филипче.
Како дел од економските мерки, тој посочи дека прогресивниот данок не треба да се гледа како казна за успешните, туку како механизам за поправедна распределба на капиталот и создавање порамноправно општество.
Според него, Мастер планот на СДСМ е насочен кон враќање на довербата на граѓаните преку правда, борба против корупцијата и продолжување на европскиот пат.
Лидерот на СДСМ се осврна и на деталниот урбанистички план за Барутана на Водно, при што порача дека неговата партија се спротивставува на најавената урбанизација.
-На Водно нема една цигла да се изгради додека сум јас претседател на СДСМ – рече Филипче.
Тој најави дека ставот на СДСМ дополнително ќе биде образложен на заеднички брифинг со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и ги отфрли тврдењата за наводен договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу урбанизацијата на Водно.
Одговарајќи на прашањето за употребата на зборот „идиот“ за премиерот Мицкоски, Филипче рече дека „морав јасно и гласно да му кажам дека не може да ги навредува граѓаните.“ – Тој нема право да го прави тоа, не може да ги потценува. Тоа времето ќе го покаже – рече Филипче.






